Македонија загуби од Швајцарија, но ќе игра полуфинале на ФИБА „Челинџерот“ во Унгарија

Младата репрезентација на Македонија за кошаркари до 20 години доживеа убедлив пораз (65-79) од Швајцарија на последниот натпревар од групната фаза на ФИБА Челинџер турнирот во Унгарија. Избраниците на Тони Симиќ сепак обезбедија место во полуфиналето на турнирот, поради подобрата кош-разлика во однос на селекцијата на Луксембург.

Македонија добро го почна натпреварот со максимален ритам и предност на почетокот. Сепак, одржувањето на резултатската позитива заврши пред крајот на првата четвртина која Швајцарците на крај ја добија со 24-26.

Единствено првиот период од играта може да се оцени позитивно за македонските кошаркари, кои во продолжението не беа на нивото на претходните два натпревари. Швајцарците тотално доминираа во последните три четвртини, на крај сосема заслужено доаѓајќи до победата од 65-79.

Најефикасен во македонскиот состав беше Дарио Митевски со 17 поени, додека Љубиша Димитровски мечот го заврши со 15 поени. Кај Швајцарците најдобар беше Кевин Мартина со 18 постигнати поени.

На крајот Македонија заврши на втората позиција во групата веднаш зад селекцијата на Швајцарија и ќе игра во полуфиналето на турнирот. Белорусија или Унгарија ќе биде противникот на македонската селекција во полуфиналето.

Се вчитува...