ЕКИПА во Хернинг,
Стеван Цаневски
Македонските ракометари денеска во 18 часот ќе излезат на мегдан со Романија, во обид да стигнат до првата победа на ЕП 2026 што го играме во Хернинг, Данска.
Одличното издание и ремито со Португалија ја крена атмосферата во македонскиот табор, па со уште поголем оптимизам се влегува во пресметката со Романците кои на хартија се најслаба селекција во групата, но дефинитивно не се ривал за потценување. Влогот е огромен, на Македонија и е неопходна победа за да заврши со три бода што би ја внеле меѓу носителите во баражот за СП 2026, воедно и би останале во игра за второто место и главната фаза.
Таа мисија е исклучително тешка, потребно ќе биде да надополниме „минус 18“ во вкупната гол-разлика со Португалија, но јасно е дека доколку се укаже шанса, нашите ракометари ќе сторат се за да стигнат до што поубедлив триумф. Впрочем, Македонија знае како убедливо да слави над Романија, тоа го докажавме и на последните пресметки со овој ривал.
Романците беа наш противник во баражот за СП 2023, дојдоа во Скопје и беа разбиени со 30-22. Тоа беше дуел што мина во апсолутна доминација на македонските ракометари, најефикасен беше Талески со десет погодоци, а уште играше и Кире Лазаров, кој постигна седум гола, исто колку и сегашниот капитен Филип Кузмановски.
Нека се повтори едно вакво или слично издание и вечерва, па потоа да навиваме за Данска во обид да скокнеме до второто место во групата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

