Можеби фудбалската репрезентација на Македонија, како и нашите клубови немаат забележлив настап во европските купови, но затоа тука се претставниците на Фудалската федерација на Македонија во разните комисии во УЕФА. Благодарејќи на нив, можеме слободно да напишеме дека фудбалска Европа не почитува и ни дава најтешки задачи.
Тоа најдобро го покажаа последните две европски првенства, за мажи во Германија и за жени во Швајцарија. На женското првенство што пред два дена заврши во Швајцарија каде репрезентацијата на Англија ја освои титулата победувајќи ја во финалето Шпанија со 3:1 по изведувањето на пенали, откако по 120 минути игра беше 1:1, делегат на мечот беше мошне почитуваната претставничка во УЕФА од Македонија, Александра Пејковска.
Навистина големо признание за Пејковска која на ова првенство, на кое учествуваа 16 најдобри репрезентации од Европа беше делегат на уште четири натпревари: Швајцарија – Норвешка, Холандија – Франција, Германија – Данска и на мечот Германија – Франција каде победникот исто така се одлучуваше на пенали.
На европското првенство за мажи во Германија претставникот на ФФМ Филип Поповски беше делегат на финалето меѓу Шпанија и Англија на кој шпанските фудбалери станаа европски шампиони. Во Швајцарија, Англичанките им се реваншираа со освоената титула во женска конкуренција.
Никој досега во Македонија во историјата на нашиот фудбал ја немаше таа чест да биде делегат на вака големи натпреварувања како Филип Поповски и Алелксандра Пејковска што е навистина големо признание не само за нив туку и за македонската федерација и македонскиот фудбал.
М. М
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

