ЕКИПА во Фрибург, Швајцарија
Стеван Цаневски
Македонските кошаркари се подготвени за денешната битка против Швајцарија во Фрибург, каде нашите репрезентативци ќе имаат поддршка и од Македонци кои го најавиле своето присуство во арената.
Салата на одигрување на натпреварот е со монтажни трибини, со капацитет од 3.000 седишта, но како што ни открија од Кошаркарската Федерација на Швајцарија, никогаш не била исполнета бидејќи „кошарката не е толку популарна во оваа земја како што е во Македонија“.
Од овие причини влезот за денешниот натпревар (19.30 часот) ќе биде бесплатен, но домаќините не очекуваат повеќе од половина од трибините да бидат исполнети. Во меѓувреме, македонските здруженија во Швајцарија веќе неколку дена се организираат за заедничко следење на натпреварот во Фрибург.
Како што тврдат, во овој град и во околината има голем број на Македонци, па се очекува избраниците на селекторот Давитков да имаат значителна поддршка во обидот со нов триумф да го завршат овој претквалификациски циклус.
Меѓу нив сигурно ќе биде и Даниел Цонев, кој традиционално ги следи настапите на нашите спортски селекции со обоена глава во боите на Македонија.
„Сигурно доаѓам. Имам повеќе од еден час возење до Фрибург, но ќе стигнам за да го следам мечот, секако во боите на Македонија“ – истакна Цонев.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА