Eдна од најголемите фудбалски икони кои Македонија воопшто ги имала во историјата, Драган Мутибариќ се наоѓа во тешка здравствена ситуација по доживеан мозочен удар.
Идолот на голем број генерации фудбалери во Македонија, член и на поранешната репрезентација на СФРЈ, по двонеделна хоспитализација, сега е на домашно лекување но оставен единствено со скромната пензија и огромната љубов која ја добива од сопругата Милица.
Зачудувачки е што едно од најголемите фудбалски имиња кои Вардар и Македонија ги имале во историјата, и по 30 години независност се уште не може да се стекне со заслужена финансиска награда од државата како заслужен спортист, поради разно-разни бирократски лавиринти.
„Минувам низ навистина тешки моменти со максималната поддршка единствено на семејството. Врзан сум за постела и не знам како да планирам рехабилитација кога финансиските средства се ограничени, оставен единствено на помошта од неколку пријатели. Но, со многу нешта сум се изборил во животот, па така ќе биде и со оваа ситуација“ – вели секогаш позитивниот Мутибариќ за ЕКИПА, кој секогаш скромен не сака да моли за помош.
Но, токму во една ваква незавидна здравствена ситуација за 75-годишниот Мутибариќ веќе се активирани акции за помош на легендарниот голман. Како што дознава ЕКИПА, веќе се размислува и во Фудбалската федерација на Македонија но и преку Агенцијата за млади и спорт да бидат доделени финансиски средства за Драган Мутибариќ кои ќе му помогнат за побрза рехабилитација.
Во Агенцијата за млади и спорт се разгледуваат и сите правни рамки за доделување на финансиска помош за Мутибариќ како еден од најголемите македонски спортисти во историјата.
Незаборавниот Драган Мутибариќ на голот на Вардар застана во сезоната 1966/67. Беше и остана миленик на вардаровите навивачи. За Вардар одигра 461 натпревар, од кои 265 првенствени. Беше втор голман од Вардар, по Видиниќ кој бранеше и за репрезентацијата на Југославија. Имаше 10 настапи. Во Вардар дојде од Срем, го бараше Партизан и прилепска Победа, многу му ветуваа, но тој сепак се одлучи за Вардар и сигурно не згреши бидејќи во неговиот дрес доживеа полна афирмација како одличен голман. Впрочем четири пати беше на листата на десетте најдобри спортисти на Македонија, а во 1969 година и прогласен за СПОРТИСТ НА МАКЕДОНИЈА.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА