Македонската футсал репрезентација вечерва од 19 часот во СЦ „Јане Сандански“ го игра најважниот натпревар од квалификациите за Европското првенство. По одличното реми на првиот натпревар против Србија, нашата селекција ќе се обиде по втор пат да го изненади силниот противник и да го направи клучниот чекор кон пласман на континенталниот шампионат.
Селекторот Васко Скендеровски вели дека доколку одиграме со истата борбеност и тактички бидеме на високо ниво, можеме да се надеваме на позитивен резултат.
„По одличниот резултат остварен во Врање, не очекува можеби најважниот меч во нашата футсал историја. Со победа речиси ќе бидеме пласирани на Европското првенство во Холандија. Но, како што реков и пред натпреварот во Србија и на овој меч мора да влеземе со ладна глава и со добра, пред сѐ тактичка поставеност на играта да го надмудриме поквалитетниот и посилен противник од нас. Добро е што во составот се враќа нашиот капитен Ранготов и ќе имаме поголем избор, но истовремено морам да напоменам дека голем хендикеп е неиграњето на Даниел Де Соуса, играч со големо искуство во вакви натпревари. Се надевам дека со голема борбеност и пожртвуваност ќе успееме по втор пат да го изненадиме најголемиот фаворит во нашата група и ќе ги израдуваме сите љубители на футсалот во Македонија“ – вели селекторот на македонската футсал репрезентација, Васко Скендеровски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА