Македонската гол-машина ќе се сретне со норвешкиот креативен плејмејкер, кој ќе биде поуспешен на крајот. На дуелот меѓу Кире Лазаров и Сандер Сагосен е ставен акцентот во пресрет на денешната пресметка во Албервил, сосема оправно со оглед на значењето што Лазаров го има за играта на Македонија, но и за она што Сагосен значи за играта на Норвешка.
„Овој 36-годишен левучар е рекордер во речиси сите голгетерски категории во светот на ракометот. Во 2009 стана најдобар стрелец на едно Светско Првенство, три години подоцна го стори истото и на Европското Првенство во Србија. Покрај тоа, два пати беше и најдобар стрелец во ЛШ и има постигнато над 1000 гола во европските натпреварувања“ – ги опишуваат француските новинари квалитетите на Лазаров.
Норвежаните знаат од каде доаѓа опасноста и ќе се обидат да го запрат македонскиот капитен, исто како што Лино Червар се надева дека ќе најде лек за Сандер Сагосен, најдобриот млад ракометен плејмејкер на денешницата, играчот кој веќе потпиша договор со ПСЖ и од следното лето ќе му се приклучи на најбогатиот европски клуб.
Иако има само 21 години, мундијалот во Франција е дури четврто големо натпреварување во неговата кариера. Тој беше избран на дрим-тимот на последното европско првенство, а во полуфиналето и во финалето играше со скршена дланка. Од него почнуваат сите напади на Норвешка и едно е јасно – ако Македонија сака успех, ќе мора да го запре Сандер Сагосен.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА