Македонската кикбокс јуниорска репрезентација предводена од претседателот Дејан Митровски – Урко од вчера е во Лидо Ди Јесоло, Италиј, каде ќе учествува на ВАКО Европското јуниорско кикбокс првенство 2025.
Како и секогаш, јуниорската репрезентација е составена од најпотенцијалните кикбоксери кои според проценката на селекторот се можни освојувачи на медал. По извршената селекцијата, на првенството ќе учествуваат натпреварувачите: Марија Димовска, Лука Змејковски, Андријано Димишковски и Калин Бабовски.
Во состав на делегацијата се и тренерот на репрезентацијата Драган Атанасовски и помошникот-тренер Александар Димовски, додека најдобрата македонската кикбокс судијка Елена Неделковска, која требаше да ја дели судиската правда како претставник од нашата земја, за жал, поради здравствени причини е спречена да биде дел од делегацијата.
На јуниорско првенство кое ќе трае од 12 до 21 септември ќе учествуваат 2626 натпреварувачи од 45 држави од Европа.
Во рамките на првенството ќе се одржи и Генералното собрание 2025 на ВАКО Европската кикбокс федерација на кое ќе присуствува и претседателот Митровски. Оваа година е изборна година за ВАКО Европската федерација и на Собранието ќе се избира нов претседател и Одбор на директори на федерацијата. Како единствен кандидат за позицијата претседател на ВАКО Европа е кандидиран господинот Еспен Лунд од Норвешка, а во трката за член на Одбор на директори влегува и претседателот на КБМФМ, м-р Дејан Митровски-Урко.

„Нашата репрезентацијата иако без подршка е подготвена во целост и ова е деветти кикбокс натпревар оваа година на кој нашите натпреварувачи и репрезентативци настапуваат и носат медсли за нашата земја но за жал, без никаква финансиска помош од новото Министерство за спорт кое има улога да им помага на федерациите и спортистите за да го развиваат спортот меѓу младите и да остваруваат меѓународни резултати кои ќе придонесат за промоција на македонскиот спорт и на нашата држава во светот. Кикбокс репрезентацијата на сопствен трошок и со сопствени средства, без помош од државата, учествува на шампионатите“ – вели претседателот на македонската федерација, Дејан Митровски, притоа дополнувајќи:
„И на ова првенство, за да можеме да учествуваме, јас како потпретседател на Македонскиот Олимписки Комитет побарав помош од претседателот Даниел Димовски кај кој наидовме на разбирање за нашата ситуација и ни обезбеди средства за покривање на трошоците за сместување на целата репрезентација што ни е најголем трошок. Исто така обезбедено ни е и возило за превоз на репрезентацијата а додека останатите трошоци ќе ги подмириме од лични средства. Ова е единствениот начин да учествуваме на ова важно за нас како земја европско првенство. Покрај тоа што во Годишната програма на КМФМ за 2025 која навремено е поднесена до Министерството за спорт и во која се наведени сите неопходно потребни средства за функционирање на федерацијата немаме добиени ниту минимални средства за учества на меѓународната сцена, што 30 години наназад тоа не се случило од било кој да го водел спортот назначен од било која влада досега, и секогаш секоја добиена поддршка била оправдана со тоа што секогаш сме биле на врвот на најуспешни федерации. Кикбоксот иако како еден од најуспешните а со сигурност тврдам и дека сме најуспешен спорт со резултати во нашата земја воопшто не ни се доделени никакви средства за учество на било какво првенство, меѓународно или национално, ниту имаме добиено за подмирување на годишните членарини до меѓународните федерации без кој членарини не ни е дозволено учество на истите. Сето ова е крајно демотивирачки за секој кој вложува љубов и челична воља во спортот. Но, и покрај демотивирачките факти интриги, обиди за растурање на кикбокс федерацијата и суровата реалност во поглед на финансиските потешкотии, очекувам успешни и добри мечеви од сите наши натпреварувачи и секако се надевам дека ќе се вратиме со медали. Ќе го чекаме официјалниот ждреб за да ги дознаеме противниците. Ние сме борци и во спортот и во приватниот живот и на опструкциите од страна на Министерството за спорт ќе се спротивставиме онаму каде што ни е местото, во борилиштата на нашите натпревари и тоа со жестока борба. Победата врз неправдата ја носиме со досега освоените медали на кои сме особено горди и ние и целата спортска јавност и нашите поддржувачи и ќе продолжиме со победи во иднина со новоосвоените резултати”.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

