2023 година е уште една во низа во која што македонската кошарка не успева да се пофали со врвни резултати. Нашата најдобра машка репрезентација повторно потфрли во еден циклус, нашите клубови повторно не успеаја да не претстават во добро светло во интернационалните натпреварувања, но за да не биде се така црно се погрижија младинската репрезентација и интернационалнците.
Првото место во европските претквалификации ја доведоа Македонија во еден претолимписки циклус против Израел, Естонија и Чешка, репрезентации кои доколку се земе во предвид реалниот квалитет на силите се барем ниво над нашето, но прикажаната игра во Талин каде беа забележани три убедливи порази, за жал не вети добра блиска иднина на најдоброто од Македонија.
Фактот дека македонската кошарка е на претквалификациско ниво го потврди и учеството на МЗТ Скопје во АБА лигата каде аеродромци потфрлија против главните конкуренти за опстанок па и покрај успешната „невозможна мисија“ на крајот не можеше да се избегне тоа што се очекуваше – враќање ранг наназад и нова тешка задача за изборување на место во „елитата“ на регионалната кошарка, нешто што се докажува доколку судиме по првиот дел од овогодишната сезона во АБА2.
Во европските натпреварувања не се пофалија ниту Работнички и Феникс 2010. Скопските тимови храбро се појавија во квалификациите за ФИБА Еврокупот, но таму ги сочека реалноста. Поразите со 40 разлика од Романци и 47 разлика од Кипрани се уште еден доказ дека македонската кошарка назадува. А, ако воопшто може да се извлече нешто добро од „евопската екскурзија“ нека почне се со организацијата на која треба да стремат сите наши клубови.
За 2023 година да не помине без репрезентативна восхит и гордост се погрижи репрезентацијата до 20 години која на европското првенство во „Б“ дивизија во Скопје ги исполни срцата на Македонците. Момците предводени од Никола Василев ја докажаа добрата селекција направена години наназад со успешен настап на континенталниот собир на кој го оставија срцето на терен. Се бореа за секоја топка, „гинеа“ за националните бои, а пожртвуваноста го препозна и публиката на која високата температура во месец јули не и беше проблем за полна сала и огромна поддршка.
View this post on Instagram
Младинците за жал не се закитија со злато во големото финале против Чешкa. За поразот влијание имаа повеќе фактори, пред се, повредата на Андреј Митревски, но за најголем дел од Македонците тие се „златни“ од повеќе причини. Не можеме да кажеме дека „по утрото денот се познава“ со оглед на дебаклот кој го доживеаа репрезентациите до 18 и 16 години, но пожртвуваноста, борбата, желбата и страста која ја покажаа Митревски, Петков, Шошкиќ, Стојановски, Мемед, Бошалевски, Бојчев, Наков, Хот, Стојковски, Симиќ и Василевски треба да биде постулат за секој кој во иднина ќе го облече „црвено-жолтиот“ дрес.
Македонија во 2023 година немаше многу интернационалци, но малкуте кои се појавија на кошаркарските терени ширум Европа светло ја претставија македонската кошарка. Највисоко на „пиедесталот“ застана Ненад Димитријевиќ, Македонецот кој ја покори Русија носејќи го првиот трофеј за Уникс Казањ во ВТБ лигата со МВП признание.
Сонцето одново блесна и во еден од најкошаркарските градови во поранешна Југославија. Адем Мекиќ и Задар ја вратија титулта во своите витрини во хрватското првенство, а публиката на југот на оваа држава повторно славеше еден Македонец по Тоше Гечевски.
View this post on Instagram
2023 година ќе остане забележна и како значајна за македонската женска кошарка колку и да звучи наивно. Сениорките славеа на гостувањето во Босна и Херцеговина, забележувајќи го првиот триумф во официјален натпревар за пласман на европското првенство и првиот триумф воедно по пауза од повеќе од пет години.
Хероината на Македонија беше тогаш 16-годишната Милица Николиќ, кошаркарка која важи за голема надеж на македонска женска кошарка.
View this post on Instagram
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА