2024 година ја продолжи голготата во македонската кошарка која одново не може да се пофали со никаков сениорски успех ниту на репрезентативен, ниту на клупски план, па така единствено ни останува да се радуваме на индивидуалните успеси и да ја задржиме надежта за подобро утре која ни ја оставија златните младинци.
Сениорите овој пат се најдоа во квалификациски циклус за настап на едно големо првенство, а и покрај тоа што ждрепката која ни ги додели Полска, Литванија и Естонија ни даде и надеж дека по една деценија Македонија одново ќе се најде на голем собир, веќе во првиот натпревар, децениските ривали, Естонците среде Скопје не вратија во реалноста дека се уште сме далеку од „европскиот крем“.
Квалификациите во 2024 година не ни донесоа успех, но гостувањето во Полска ни даде слика за тоа како може да изгледа репрезентацијата под водство на Ненад Димитријевиќ. За жал, за ноемврискиот прозорец недостасуваше и „американска поддршка“, па без Хап и без Шортс, дуелите со Литванците ќе останат забележани само по монструозната партија на Македонецот кој си поигруваше со противникот, ги врти Литваниците назад во 2011 година, но и предвреме го заврши мечот со 43 поени зад своето име.
Димитријевиќ во 2024 година забележа успех и на индивидуален план па дресот на рускиот Уникс кој го носеше со успех го замени со оној на евролигаш, Олимпија Милано каде веднаш се наметна во составот на Месина со МВП натпревар во италијанскиот Суперкуп. Подоцна го „сруши“ и големиот Реал Мадрид наметнувајќи се и во дебито на најголемата сцена.
Димитријевиќ заслужено напредува на клупско ниво, но не можеме истото да го кажеме и за македонските клубови. 2024 година заврши со апсолутен дебакл на МЗТ Скопје, Работнички и Пелистер во АБА2 лигата, која од година во година е се „поголем залак“ за најдоброто од Македонија.
Македонската кошарка не го положи испитот за смената на генерации која започна пред неколку години, доказ за тоа е регионалното првенство каде се одразува неадекватната работа, па преостанува да видиме дали 2025 година ќе донесе некоја промена на подобро кога станува збор за младите.
Македонија има златни момци, успехот на репрезентацијата до 18 години е единствената светла точка на мак-баскетот во 2024 година, но Македонија имаше и сребрени момци во 2023 година па ниту еден од нив не се најде во изборот на селекторот Јончевски за квалификациските натпреари во 2024 година…
Младинските успеси се гордост, носат надеж за подобро утре, но во ниту еден случај не треба да се земат здраво за готово. Потребна е поддршка, потребен е ангажман, потребна е сплотеност на кошаркарските работници, потребно е и вложување, од оние кои (ќе) го водат мак-баскетот во 2025 година.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА