„Македонската репрезентација е пример за тоа што е Македонија, Енис Барди е прекрасен дечко“

Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Масар Омерагиќ гостувајќи на ТВ21, отворено разговараше за комплетната ситуација во македонскиот фудбал, меѓу другото осврнувајќи се и на начинот на кој функционира македонската фудбалска репрезентација изминативе години.

„Македонската фудбалска репрезентација е пример за тоа што е Македонија, во која играат фудбалери од сите етникуми, и сите функционираат како едно. Енис Барди е еден прекрасен дечко и фудбалер, Алиоски исто така, но и сите останати во репрезентацијата. Затоа ниту сакам, ниту некогаш ќе зборуваме во македонскиот фудбал за поделба по етничка основа“ – истакна Омерагиќ.

Првиот човек на ФФМ се осврна и на прашањето околу евентуалното враќање на Стефан Ристовски во репрезентацијата кое повторно се актуелизираше последниот период, притоа нагласувајќи дека последниот збор околу составот секогаш додека е тој претседател ќе го има само селекторот на репрезентацијата.

„Селекторот е шефот кога е во прашање националниот состав, и јас ниту се мешам ниту некогаш ќе се мешам околу тој избор. Затоа што, јас сум поранешен фудбалер, и многу добро знам што значи едно такво мешање во изборот и замислите на селекторот може да донесе само лош успех и несреќа. Селекторот одлучува за се, затоа што и одговорноста е негова“ – рече Масар Омерагиќ.

Се вчитува...