Македонската кикбокс репрезентација, предводена од претседателот на Кикбокс Маитаи федерацијата на Македонија, Дејан Митровски -Урко, од денеска учествува на ВАКО Европското кикбокс првенство 2024 во Атина, Грција.
Во составот на сениорската репрезентација се Бобан Илиоски, Стефан Михајловски, Митко Ашкилов, Леа Бошевска и Андреа Костовска и тренерот на репрезентација, Драган Атанасовски.
На првенството кое ќе трае до 10. ноември во Атина ќе учествиваат 982 натпреварувачи во 1133 натпреварувачки влезови од 41 држава од Европа.
Во склоп на првенството ќе се одржи и Генералното собрание 2024 на Европската кикбокс федерација на кое ќе присуствува и претседателот Митровски.
„Репрезентацијата е подготвена во целост, очекувам успешни и добри мечеви од сите наши натпреварувачи и секако се надевам дека ќе се вратиме со медали. Како и секогаш, конкуренцијата е голема, но нашата репрезентација иако е мала, составена е од врвни, искусни и докажани борци. Посакувам успех за сите и очекувам трофејни борби без повреди” – ни изјави претседателот Митровски.
Во рамките на првенството од страна на ВАКО Европа ќе има организирано и „Атлетски корнер” на кој ќе има секојдневна едукација за спортистите, физиотерапевтски дел со врвни терапевти за релаксација и помош на спортистите и презентација на „ВАКО женскиот комитет” чија членка од нашата држава е Ирена Митровска, која заедно со уште шест жени членки од цела Европа пред спортистите ќе ја претстават својата работа.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА