Во силна конкуренција, македонската велосипедистка Елена Петрова заблеска со фантастичен настап на меѓународната велосипедска трка „Гран Фондо 2025“, која се одржа во Нови Сад, Србија.
Трката, која собра повеќе од 500 натпреварувачи од цела Европа, вклучуваше две категории: Гран Фондо (100 километри со 1.500 метри искачување) и Медио Фондо (77 километри со 1.100 метри искачување), на кои учествуваа велосипедисти од различни возрасни категории и нивоа.
Петрова, со впечатливо темпо и совршена кондиција, не само што го освои првото место во женската категорија од 19 до 34 години, туку извојува и победа во генерален пласман кај жените, надминувајќи ги сите ривалки без оглед на возраст и искуство.

Со оваа победа, Петрова уште еднаш го потврди статусот на една од најперспективните велосипедистки во регионот, а воедно и испрати силна порака дека македонскиот спорт расте и чекори кон европската елита.


Овој триумф е значаен подвиг за македонскиот велосипедизам, инспирација за сите млади спортисти и гордост за целата спортска јавност.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

