Македонски резултати за Гинис (7): НБА кошарка и во Македонија

Миодраг Мицковиќ

Списокот на македонските спортски рекордни резултати од ден на ден се повеќе се зголемува откако  почнавме да ги пронаоѓаме во веќе избледените спортски страници на весниците каде можат да се најдат  интересни, веќе заборавени извештаи од спортските натпревари. Во претходните написи голем простор посветивме на рекордни ракометни резултати, но и кошаркарските не заостануваат и слободно можеме да напишеме дека и во Македонија се играше НБА кошарка. А еве зошто.

Во четвртгфиналето за купот на Македонија, на 31 јануари 2001 година, во салата „Јане Сандански“ МЗТ Скопје ја победи екипата Тетово со 143:19 / 34:5, 45:0, 31:6, 38:8/. Судеа Терзиовски и Исајловски од Скопје.

МЗТ Скопје: Војновиќ, Стефанов 40, Аврамовски 14, Гоцевски 31, Грнчаров  16, Манџуковски 40, Гечевски, Србиновски, Станковиќ,  Димовски 6

Тетово: Маневски, Филиповски, Заковски, Алии,  Бунцовски, Рафајловски, Крстевски 2, Јовановски 5 , Илиевски 5, Момировски, Стефановски 5, Аврамоски 2.

Победата на МЗТ Скопје сигурно ќе беше и повисока доколку играа  Војновиќ, Гечевски и Станковиќ, кои цел меч го преседоа на клупата. Интересно е да се напише дека во втората четвртина од мечот која МЗТ Скопје ја доби со 45:0, тетовчаните не постигнале ниту еден кош што е навистина своевиден рекорд за Гинис. Успеавме да најдеме и фотографија на МЗТ Скопје од тој меч, преснимена од „Нова Македонија“, која ја објавуваме со овој текст.

Рекордни „стотки“

Се прашувавме дали е ова највисок постигнат резултат на кошаркарските терени во Македонија,  се изненадивме дека има и повисоки. На 25 март 2004 година за првенство на Македонија /играчи родени 1987/88 година/  Работнички ја победи екипата ТИМ Систем со 153:28 /37:6, 24:4, 44:9, 38:9/. Напреварот во Салата во Градскиот парк ја судеа Слободан Тасевски и Михајло Цветанов.

Работнички: Цветковски 26, Тодоровски 2, Диковски 25, Младеновски, Петров 26, Здравковски 6, Ѓорѓевиќ 9, Величковски 35, Стефаноски 12, Голубовиќ, Германски.

ТИМ Систем: Лозановски 19, Спасовски 10, Павлов, Калчевски  6, Стојановски, Црвенковски 2, Јакимовски,  Врангаловски , Анѓелковски.

Истата година „пукна“ уште една висока „стотка“ на кошаркарските терени во Македонија, засега највисока, за македонската книга за Гинисови рекорди. На младинското првенство на Македонија , екипата ТИМ систем го порази 11 Октомври дури со 180:25 /50:1, 40:8. 46:2, 44:14/. Судии беа Цветановски и Стојчевски. Тренер на ТИМ Систем беше Иван Џиганов.

ТИМ Систем: Ѓеорѓив, Лихвинчев 50, Трајановски 11, Калчевски 12, Чубриновски 4, Славковски 4, Петковски 18 , Атанасовски 27, Живковиќ 18, Стојановски 10, Павлов 26.

11 Октомври: Крстевски, Саржовски 4, Ракиќ, Спасовски 6, Илиовски 3, Димитров, Николовски , Мишевски 2, Митревски 10 , Гелевски, Мисевски 2, Глигоровски.

Најефикасен на овој меч беше 18-годишниот Драгослав Лихвинчев, инаку тогашен ученик во училиштето „Борис Кидрич“ во Скопје, кој постигна 50 кошови и го надмина рекордот на кошаркарите на МЗТ Скопје Стефанов и Манџуковски кои на куп натпреварот со Тетово постигнаа по 40 кошови.

Ефикасни кавадарчанки

И во натпреварите во женската кошарка пронајдовме една „стотка“ што е раритет кога се работи кај кошаркарките. На 10 декември 1994 година за првенство на Првата лига на Македонија, во Кавадарци Тиквеш Флорида го победи Гостивар со  неверојатни 166:34 /85:20/. Тогаш  не се играа четири четвртини, туку две полувремиња по 20 минути.

Тиквеш Флорида: Стојановска 4, Трајковска 5, Лазова 10, Гавриловска 41, Бојковска, Миланова 2, Видикова 32, Врбанова 58, Димковска 6, Тошиќ 8.

Гостивар: Кузмановска 6, Ѓурчиновска 4, Емилијанова, Серафимовска, Георгиевска 4, Зафировска 6, Шаревска, Дамјановска 4, Грујовска 10, Стефановска.

И во  првиот меч против Гостивар Тиквеш Флорида  победи  со 105:33. По две одиграни кола, по оној катастрофален резулат во Кавадарци, Гостивар го откажа учеството во лигата по серијата високи порази. Да одбележиме дека за Тиквеш Флорида подоцна играа и репрезентативките на Југославија Стојна Вангеловска и Марија Квесиќ.

Сите овие резултати што ги пронајдовме листајќи ги весниците, ги проверивме и со колегата од ТВ Сител Марјан Ников, кој има богата кошаркарска документација со најмногу податоци за сите одиграни мечеви во самостојна Македонија.

Се вчитува...