Македонскиот бедем пред голот е темелен на младите сили од ЕП 2017

EКИПА, како партнер на реномираниот лондонски ГАРДИЈАН, ќе биде дел од медиумската „експертска мрежа на Гардијан“ за EВРО 2020, заедно со вкупно 22 европски медиуми меѓу кои и со Газета дело Спорт(Италија), ЕлПаис(Шпанија), Ди Цајт(Германија), Спорт-Експрес(Русија), Франс фудбал (Франција), Блик (Швајцарија), Телеспорт (Хрватска), Стандард (Австрија)….. Се во насока на што поквалитетно покривање на ЕВРО 2020! Целта на мрежата е размена на текстови и информации како читателите од секој од овие медиуми би имале поблизок и пореален поглед на секој од протагонистите на Европското првенство.

Македонскиот бедем пред голот е темелен на млади фудбалери, сите членови на генерацијата од 2017 година која на однесе на У-21 ЕП, со исклучок на Кире Ристевски. Останатите сите стандардни во младата репрезентација кај Милевски, а стандардно незаменливи и сега во тимот на Ангеловски.

ДАРКО ВЕЛКОВСКИ

Ријека (Хрватска) 21.06.1995

Фудбалот не е негова прва љубов. Но, очигледно ќе биде и тоа како трајно неизбришива до крајот на животот, посебно по сите впечатоци кои го очекуваат со настапот на Европското првенство 2020.

Најдобриот креативец меѓу стоперите, и најдобриот стопер меѓу креаторите на играта. Така би можел да се опише Дарко Велковски ако се знае дека неговите почетоци во фудбалот, па и во првиот тим на Работнички, беа како фудбалер за врска. Нешто подоцна, некаде во 2015 година, Бошко Ѓуровски се одлучи во репрезентацијата да го тестира како централен дефанзивец, и така остана.

А, Велковски спортската кариера најпрво ја почнува во ракометот, како и неговиот помлад брат Мартин, кој е ракометен репрезентативец на Македонија. Но, не се наоѓа во ракометот па продолжува со кошарка. И тоа не е спортот кој целосно го исполнува, па нешто подоцна одлучува да се префрли на фудбал каде демонстрира огромен талент. Откако почнува во младинскиот тим на Македонија ЃП, потоа на само 16 години дебитира во првиот тим на Работнички во најсилната македонска лига.

Веќе на 17 години беше пред можност за трансфер во Интер во 2011 година, но поради административни пречки како малолетен не успева да се пресели на Апенинскиот полуостров.

Во 2015 година завршува во Вардар со кого го запишува најголемиот успех во историјата на клубот, место во групната фаза од Лигата на Европа, а потоа од 2018 година е дел од еден од најдобрите хрватски клубови Ријека.

ВИСАР МУСЛИУ

Мол Фехервар (Унгарија) 13.11.1994

Скромно ја почна својата фудбалска кариера во локалниот Гостивар а потоа и во македонскиот прволигаш Ренова. Безмалку анонимен за поголемиот дел од фудбалската јавност во Македонија, беше „пронајден“ од Благоја Милевски кој го внесе во златната македонска генерација која избори прво учество во историјата на Македонија на ЕП 2017 во Полска за фудбалери до 21 година.

Настапите за репрезентацијата до 21 година во јули 2017 му донесоа трансфер во Вардар, но по само шест месеци беше вклучен во контроверзен случај. Успеа да го изигра Вардар, и преку наводен формален трансфер во Приштина од Косово, да се пресели во редовите на најлутиот ривал Шкендија. Тоа многу ги налути, не само навивачите на Вардар, но и некои поранешни соиграчи.

„Срамно е човек како тебе да игра за репрезентацијата на Македонија“ – му порача тогаш голманот на Вардар, Филип Гачевски. Но, Муслиу, кој сега е член на унгарски Мол Фехервар, е незаменлив дел oд репрезентацијата на Игор Ангеловски која ќе игра на ЕВРО 2020.

Македонската фудбалска репрезентација сега е незамислива без Висар Муслиу во одбраната.

КИРЕ РИСТЕВСКИ

АЕЛ Лимасол (Кипар) 22.10.1990

Се чини, една од најскромните личности во македонската репрезентација. Целата енергија, и на терен и надвор од него, единствено ја насочува во функција на тимот. Секогаш, максимално посветен на тимот.

Со фудбал почнува во еден од најпознатите македонски фудбалски расадници – ФК Пелистер од Битола. По неколку години минати на Балканот, играјќи во клубови од Албанија и од Бугарија, преку Работнички на крај својата втора фудбалска младост ја доживува во Унгарија, каде остава силна трага со игрите во Вашаш и во Ујпешт.

Пред настапот на ЕВРО 2020 реализира нов трансфер селејќи се во редовите на кипарскиот прволигаш АЕЛ Лимасол.

ЕГЗОН БЕЈТУЛАИ

Шкендија (Македонија) 07.01.1994

Егзон Бејтулаи е единствениот фудбалер од македонското првенство кој ја има безрезервната доверба на селекторот на Македонија, Игор Ангеловски.

Меѓу 23 интернационалци кои се повикани во составот на Ангеловски има тројца од македонското првенство, но Бејтулаи како член на македонскиот шампион Шкендија, е единствениот кој вистински конкурира за првиот тим.

Потекнува од фудбалската школа на Тетекс, клубот кој е жесток ривал на Шкендија во Тетово, иако последните години далеку од конкурентен на елитниот фудбал. Од 2013 година реализира трансфер во Шкендија, останувајќи во Тетово. Со исклучок на една кратка епизода во шведски Хелсингборг каде на почетокот од 2020 година издржа само неколку месеци поради носталгија и семејни причини повторно се врати во Шкендија, цели седум години е верен на Шкендија.

ЃОКО ЗАЈКОВ

Шарлерој (Белгија) 10.02.1995

Уште еден од ФК Работнички, една од најпрепознатливите фудбалски школи во Македонија во последната декада.

Капитенот на репрезентацијата до 21 година која во 2017 година го запиша историскиот пласман на ЕВРО-У21 во Полска, не продолжи со кариера каква што можеби посакуваше пред седум години кога потпиша од Работнички за француски Рен. Одигра вкупно само 15 натпревари во две сезони за Рен, по што во 2016 се сели во белгиски Шарлерој. Но, во пет сезони скромни само 30 одиграни натпревари за белгискиот тим.

Се чини ова лето го очекува нова страница во фудбалската кариера, но пред единствената желба е успешен настап на ЕВРО 2020 со македонската репрезентација.

Се вчитува...