Нови ветришта во македонскиот бокс кој зачекорува кон еден нов поуспешен период во својата историја со именувањето на Кристијан Андреевски на претседателската функција во Националната боксерска федерација.
Долгогодишниот истакнат стопанственик и прв човек на боксерскиот клуб Куманово 84, максимално амбициозно донесе свежина во организациската поставеност и функционирањето на федерација иако е само три месеци предводник на македонскиот бокс.
Анализирајќи го изминатиот период преку соопштение до јавноста, кое е еден вид негов осврт за досега сработеното, Андреевски истакнува дека и изминатите три месеци интезивна работа во федерацијата веќе ги донеле првите позитивни новини за домашниот бокс.
ОСВРТОТ НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА НБФ ЗА ИЗМИНАТАТА 2024 ГОДИНА ВИ ГО ПРЕНЕСУВАМЕ ВО ЦЕЛОСТ:
Поминаа точно три месеци откако на 1 октомври официјално ја презедов функцијата претседател на Националната боксерска федерација. За мене како личност, прво предизвик, а потоа одговорност пред целокупната македонска спортска јавност, тимовите, официјалните лица и натпреварувачите кои ги опфаќа овој спорт. Квартал за мене и мојот тим, период кој беше динамичен и исполнет со многу активности, средби, настани и пред се одлични резултати.
Нашата цел беше да продолжиме да работиме во интерес на боксот и сите луѓе кои се инволвирани и се под капата на Националната Боксерска Федерација. Стартувавме најпрво нашата машка боксерска репрезентација до 23 години настапот на ЕП во Софија, Република Бугарија. Комплетно обезбедини услови за настап на нашите репрезентативци кои достојно не претставија на европскиот шампионат и воедно како Федерација за нас оваа беше прво претставување пред пошироката европска и македонска јавност. Нашиот национален тим настапи со шест боксери и двајца тренери на овој турнир.
Во месец октомври боксерската репрезентација на Македонија настапи во Будва, Црна Гора, на Светското првенство за млади боксери каде настапивме со девет боксери и тројца тренери. Не го пропуштивме ни овој голем настан за да се продолжи континуитетот на настап на големите натпреварувања за кој беа обезбедени маскимални услови за натпреварувачите и луѓето од стручниот штаб од националниот тим. Одлично искуство на овој шампионат беше за нашите репрезентативци кои иста така имаа можност за спарингување со боксерите кои беа дел од боксерскиот младински Мундијал.
Во Македонија се вративме со активностите во домашниот боксерски шампионат. Прво беше комплетирано 5.коло од Првата и Младинската лига во бокс кое се одржа во Куманово. Екипниот шампионат во двете конкуренции се комплетираше со одржаното 6.коло во Штип кое воедно беше и последно коло каде ги дознавме шампионите во двете конкуренци. Одлично организирани настани заедно со техничките организатори, официјалните лица и сите кои беа дел од двете последни рунди од националното првенство.
Паралелно во соработка со нашите големи пријатели од Националниот Боксерски Сојуз на Србија обезбедивме комплетни подготовки на Златибор за нашите репрезентативци кои се подготвуваа и имаа одлични услови за подготовка пред настап на Балканското боксерско првенство во Лозница.
Нашиот национален тим во Лозница го претставија 11 боксери, двајца тренери и еден боксерски судија.
Кулминација на одлично сработените подготовки кулминираше со жетва на медали на нашите репрезентативци на Балканското боксерско Ппрвенство. Македонија за прв пат имаше двајца балкански боксерски шампиони во името на Ален и Ружди Рустемовски, сребрен медал освои Адријан Рустемовски, додека бронзеното одличје им припадна на Ебуталип Агушев, Лука Трифуновиќ, Тарик Весели, Димитар Ѓорески, Енис Алиу и Наум Стојаноски.
За најголемиот успех на македонскиот бокс на Балканското првенство, Управниот одбор на Националната Боксерска Федерација боксерите со златен медал беа наградени со 50.000 денари, сребрените со 30.000 денари, додека бронзените боксери како награда добија по 20.000 денари.
Македонија во овој период имаше претставници и на големиот боксерски турнир Адем Јашари во Приштина каде нашите боксери се претставија во одлично издание.
Серијата добри резултати не застана тука, туку продолжи на Гранд При турнирот во Загреб, каде убедливо до титулата најдобар боксер на турнирот дојде Ален Рустемовски кој во силната конкуренција на турнирот дојде до приматот најдобар боксер на овој исклучително силен боксерски турнир.
Следна дестинација за нашите најдобри боксери беше силниот меѓународен боксерски турнир со огромна традиција „Златна Ракавица“ во Ниш каде заминавме во состав со седум боксери, двајца тренери и двајца судии. Серијата добри резултати продолжи и во Ниш од каде дојдовме со три злата, две сребрени медали и две бронзи.
Златен медал освоија Адријан Рустемовски, Ален Рустемовски и Наум Стојаноски кој беше прогласен и за најдобар техничар на турнирот. Ебуталип Агушев и Ружди Рустемовски дојдоа до сребрен медал, додека Лука Трифуновиќ и Енис Алиу завршија со бронзено одличје.
За крај на овој прекрасен период од три месеци, кулминација на нашата работа и добри резултати во овој временски интервал додека јас сум претседател беше 30- то поединечното државно првенство во бокс во сите возрасни и тежински категории кое се одржа во Битола и каде настапија боксери од целата држава.
Одлична организација и настан каде ги добивме националните шампиони за 2024 година. Голема благодарност упатувам уште еднаш до првиот човек на оваа општина г-дин Тони Коњановски, како и техничкиот организатор „Пелистерски Јунак“. Благодарност и до сите официјални лица, тренери и натпреварувачи кои зедоа учество на оваа боксерска манифестација која воедно претставуваше и возобновување на традиционалниот меѓународен боксерски турнир „Битолски Победник“ кој се враќа во календарот и програмата за наредната натпреварувачка сезона.
Освен сите натпреварувања кои се под капата на Национална Боксерска Федерација, како Федерација успеавме да склучиме билатерални соработки со неколку национални федерации.Особено значајни контакти воспоставивме по самиот на претседателите на сите светски Федерации во Будва, а потоа во Дубаи во организација на ИБА (Интернационалната Боксерска Асоцијација).
Исто така во овој период добивме и три национални судии кои успешно го положија тестот и се здобија со звање национален судија во бокс.
Оваа немаше се да се реазлизира без огромата подршка и помош од страна на Министерството за Спорт на чело со министерот Борко Ристовски кој несебично помага боксот да биде вратен на старите патеки и повторно да биде еден од водечките индивидуални спортови во нашата држава. Како претседател упатувам јавна благодарност најпрво до Министерството за Спорт и министерот Борко Ристовски, до целокупниот мој тим во Националната Федерација, Управниот одбор, официјалните лица на Федерацијата, тренерите и натпреварувачите за целокупниот нивен допринос и афирмирање на боксот како спортска дисцплина во периодот во кој сум како претседател на оваа спортска институција.
Оваа е само почеток на тоа што допрва следи од наредната сезона и наредната година каде се надевам дека уште повеќе ќе растеме како Федерација сите заедно и ќе се стремиме кон нови успеси и добри резултати во иднина.
За крај на моето новогодишно обраќање сакам да ви ги честитам предстојните Новогодишни и Божиќни празници и да Ви посакам многу здравје, среќа и успех во Новата 2025 година. Да сте живи и здрави и нека Ви e среќна Новата 2025 година.
Срдечен спортски поздрав,
Кристијан Андреевски
Претседател на Национална Боксерска Федерација
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА