„Македонскиот фудбал ќе има голем плус од трансферот на Миовски во Џирона“, смета Милевски

Благоја Милевски, селекторот на македонската репрезентација го коментираше трансферот на Бојан Миовски во шпанската Ла Лига, во тимот на Џирона.

Тој рече дека  трансферот е во вистински тајминг, и дека македонскиот фудбал ќе има бенефит од овој трансфер.

„Сметам дека за Миовски е одлично време и тајминг да ја смени средината. Направи правилен потег што најпрво се пресели во Шкотска. Со својата форма се наметна на спортската јавност, и влезе во око. и мислам дека му беше време да се пресели во таков сериозен клуб и таква сериозна лига. Го гледавме неговиот настап за Џирона против Атлетико Мадрид. Ме радува што направи трансфер во голем клуб, и сум убеден дека многу брзо ќе се наметне во Џирона. Секако дека за македонскиот фудбал е голем плус да имаме играч во шпанската лига покрај Столе Димитриевски, и се надевам дека ќе имаме повеќе вакви играчи“, рече Милевски.

Селекторот коментираше и за Столе Димитриевски кој што се пресели во Валенсија, но се очекува да биде резерва.

„Столе Димитриевски е наш број еден и така ќе остане. Ги одбрани сите пријателски натпревари за Валенсија, и е во натпреварувачка форма. Што се однесува до другите, Алиоски нема натпреварувачки ритам, но секогаш кога игра за репрезентација дава максимум, ја гледам таа желба кај него да даде се од себе“, изјави селекторот Милевски.

Се вчитува...