Големата македонска одбојкарска надеж Филип Савовски на вистински начин блесна во победата против Црна Гора која не води кон осминафиналето на Европското првенство 2023.
Савовски беше еден од најзаслужните за победата со извонреден девет блока, вистински бедем на „граничната бариера“ пред Црногорците, со вкупно 12 освоени поени за макдонската селекција, без сомнение, привлекувајќи го кон себе вниманието на спортската јавност.
Савовски пред денешниот дуел со Полска не крие дека начинот на кој се дојде до синоќешната победа е мотивирачки за дуелот вечерва против една од најдобрите европски репрезентации
„Добро ја спроведовме тактиката против Црна Гора и се чини рутински дојдовме до победата. Секако секој од нас го даде максимумот и тоа не однесе до триумфот, па сега верувам дека ќе одиграме послободно, порастеретено на натпреварот со Полска која е голем фаворит“ – вели Савовски и дополнува:
„Но, бидете сигурни дека нема да запреме тука, ќе дадеме се од себе за уште некоја победа за подобра позиција пред осминафиналето, па којзнае зошто да не и до четвртфинале на Европското првенство“.
Натпреварот меѓу Македонија и Полска вечерва во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје се игра вечерва од 20 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА