Македонскиот одбојкарски селектор Јошко Миленкоски и следната сезона ќе биде тренер на грчки ПАОК.
Македонскиот стратег одлучи да остане во грчкиот клуб и да продолжи со работа во екипата со којашто го освои купот и играше финале во првенството.
„Имав неколку понуди, размислив и одлучив да продолжам со Паок. Навивачите одлично ме прифатија, имам одлична соработка со сите во клубот, блиску сум до дома, а тоа се фактори коишто беа доволни за да го продолжам ангажманот во Грција” – вели предводникот на македонската репрезентација којшто денеска ќе стави потпис на новиот едногодишен договор со Паок.
Претходно, Миленкоски предводеше седум клубови, а со четири од нив оствари пласман на завршниот турнир во Купот на ЦЕВ. Најтрофејниот македонски тренер беше селектор на Турција и ја предводеше до 11. место на Европското првенство во 2017, што значи дека претстојниот континетален собир на којшто коорганизатор е и Македонија, ќе биде негов втор настан од тоа рамниште.
А дотогаш, македонската репрезентација под негово водство ќе одигра уште три натпревари во Европската златна лига. Досега имаме победи над Белгија и над Хрватска и пораз од Украина. В сабота ќе гостуваме во Шарлоа, потоа во Задар, а на 18. јуни, во последниот натпревар од групата, ќе ја пречекаме Украина.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА