Македонскиот судија Качевски се најде во „небрано“: УЕФА не дозволи минута молк, па следеше чуден почеток на мечот Полска – Израел (ВИДЕО)

По почетокот на вооружениот судир меѓу Израел и Палестина од почетокот на октомври, израелските фудбалски селекции се вратија на своите обврски во европските квалификации.

Па, синоќа во квалификациите за ЕП 2025 на репрезентациите до 21 година, во Лоџ се сретнаа Полска и Израел во меч кој заврши со победа на Полјаците од 2-1.

Но, мечот го одбележа една навистина специфична ситуација која го затекна и македонскиот судија Јован Качевски кој го судеше натпреварот, заедно со помошниците Даниел Василевски и Бранко Путилин. Четврти судија беше Александар Грјуоски.

Пред натпреварот двете федерации, и од Полска и од Израел бараа од УЕФА да се одржи минута молк како би се оддала почест на настраданите Израелците во нападот од Хамас на 7. октомври. Но, УЕФА тој предлог го одби. Сепак, актерите на мечот пронајдоа начин да реагираат.

Откако Качевски на почетокот даде знак мечот да почне играчите на двете екипи самоиницијативно одлучија да не ја играат првата минута. И Качевски се најде во „небрано“, па неизбежно чекаше фудбалерите да го завршат започнатото па да продолжи играта…

Качевски одлично до крај го отсуди натпреварот, без ниту една грешка од македонската судска тројка.

Се вчитува...