Ракометна Македонија повторно на голем европски настан! Македонската женска ракометна репрезентација утре со натпреварот против Шведска од 20:30 часот ги почнува своите настапи на Европското првенство 2024 во Унгарија.
Селекторот Кристијан Грчевски на денешниот брифинг со медиумите во унгарски Дебрецин истакна дека целта на Македонија е веќе постигната со самиот пласман меѓу најдобрите на Стариот континент, но секако девојките ќе се обидат да го остават најдобриот можен впечаток пред европската елита.
„Нашата цел е веќе остварена со успешните квалификации и пласманот на ЕУРО 2024 како една од најмладите репрезентации на шампионатот. Настапот на ЕП ќе биде пред се за стекнување драгоцено искуство за нашите млади ракометарки за во иднина“ – истакна Грчевски, притоа осврнувајќи се на тоа што не очекува утре против фаворизираните Швеѓанки.
„Дефинитивно чувствуваме трема пред утрешниот старт, но на позитивен начин. Знаеме дека играме со Шведска за чиј квалитет доволно зборува фактот дека најавуваат борба за медал на првенството. Ние ќе се обидеме да се претставиме на најдобар можен начин. Малку ќе калкулираме бидејќи целта ни е натпреварот против Турција, каде што ги гледаме нашите најдобри шанси за посакувана победа“.
А, околу тоа како младите македонски ракометарки се справуваат со играњето на ваков голем турнир.
„Имаме основна група од искусни играчи, а остатокот од тимот се состои од многу млади играчи и ова првенство ќе биде од огромна вредност за стекнување искуство. Всушност, ни треба континуитет на настапи на големите турнири за да станеме поискусни како тим кој ќе можеме да го користиме во иднина. Сепак, секако дека бараме и одговорност од нив затоа што ја претставуваат нацијата. Сите ние носиме одговорност како ќе ја претставиме Македонија. Со заеднички сили, искрено се надевам дека ќе се претставиме на најдобар начин“ – вели Грчевски.
Македонскиот селектор верува дека ќе има и поддршка од трибините од нашите навивачи на натпреварите на ЕП 2024.
„Се надевам дека арената ќе биде полна и се надевам дека нашите страсни македонски навивачи ќе бидат на трибините за да ни ја дадат поддршката што ни е потребна“ – истакна Грчевски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА