Репрезентацијата на Македонија за кошаркари до 16 години загуби од Кипар со 76-82 на стартот од Европското првенство Б-дивизија кое се игра во Скопје.
Македонската селекција беше пред победа, во два наврати во текот на првите три четвртини имаше и двоцифрена предност, но неочекуван пад во последната четвртина и шутерското шоу на Кипраните доведе до пораз на Македонија.
Македонија имаше постојано предност во првото полувреме кое го доби со 36-32. Потоа во третата четвртина стигна и до предност од 51-41, но противникот веднаш со серија од 0-10 дојде до израмнување на 51-51.
На стартот од четвртата четвртина македонските кошаркари почнаа одлично доаѓајќи повторно до предност од 64-54, но потоа следеше неверојатен пад во одбраната, Кипраните погодија и осум тројки па на крај дојдоа до триумф од 76-82.
Во македонската селекција се издвоија Лука Чучанов со 18 поени и 16 скока, како и Александар Сотир со 11 поени, додека кај Кипар, Антреас Зинонос даде 22, а Хари Георгиадес имаше 16 поени.

Утре од 18:30 часот Македонија игра против Ирска која победи со Словачка во првото коло.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

