Македонските претставници во традиционалното карате ќе учествуваат на ИТКФ Меѓународниот куп кој ќе се одржи на 14 март 2026 година во Краков, Полска. Овој престижен турнир секоја година собира голем број врвни натпреварувачи од целиот свет и претставува значајна можност за меѓународна афирмација на младите каратисти.
Боите на Македонија на овој турнир ќе ги бранат петмина натпреварувачи: Камелија Недев, Софија Јарчевска, Филип Недев, Максим Поп Трпев и Тадеј Недев. Тие ќе настапат во дисциплините на традиционалното карате, каде што се очекува силна конкуренција и висок квалитет на борби и кати.
Според најавите на организаторите, на турнирот ќе учествуваат дури 879 натпреварувачи од 22 земји, што го прави еден од најголемите настани во календарот на традиционалното карате во Европа.
Македонските каратисти веќе имаат позитивни искуства од ова натпреварување. Минатата година Филип Недев и Тадеј Недев остварија значаен резултат, освојувајќи го третото место во дисциплината кати, со што ја потврдија својата подготвеност и квалитет на меѓународна сцена.
„Оваа година тимот заминува со дополнителна мотивација и желба за уште подобар резултат, како и за достојно претставување на Македонија меѓу силната светска конкуренција. Се очекува македонските натпреварувачи да покажат борбен дух, дисциплина и техника, карактеристични за традиционалното карате, со надеж дека повторно ќе се вратат дома со нови успеси и медали“ – порачуваат од Македонската традиционална карате федерација.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

