Mакедонската карате репрезентација ja oчекува настапот Светското првенство кое ќе се одржи од 6. до 11. ноември, во Мадрид, Шпанија. Токму тоа беше повод и за прес-конференцијата организирана во просториите на Агенцијата за млади и спорт на која директорот Дарко Каевски им посакува многу успеси на македонските репрезентативци.
Каевски истакна дека карате спортот дефинитивно е меѓу најуспешните и најтрофејните спортови во земјава, а за тоа говорат и резултатите. Тоа во изминатиов период го потврдија големите имиња кои испишаа историја.
„Агенцијата за млади и спорт секогаш е почетната точка за тргнување и крајната дестинација на која секогаш враќаат нашите спортисти со освоени одличја на меѓународната спортска сцена. По големите успеси на македонското карате, кое во изминатите неколку години и ги донесоа Наташа Илиевска, Иво Цветковски, Жарко Арсовски, Ардита Исени, Огнен Груевски, Берат Јакупи, Мартин Несторовски, Емил Павлов, Фаик Весели и останатите, денес започнуваме едно ново поглавје со оваа генерација. Јас сум оптимист и тргнувајќи од искуството дека нашите каратисти во последните неколку години редовно се враќаат со трофеи од големите натпреварувања, верувам дека оваа генерација каратисти ќе го покажат својот квалитет на светското првенство и ќе го продолжат трендот на успеси на големите турнири“ – истакна Каевски.
Карате репрезентацијата во недела патува за Шпанија. Светското првенство е најголема шанса за доближување до Олимписките игри во Токио 2020 година, односно за најголем скок на ВКФ ранг листата, за која бодувањето почна од Азиските игри и продолжи низ двете кола од Премиер лигата.
СОСТАВОТ НА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА НА МАКЕДОНИЈА ЗА СП ВО ШПАНИЈА:
1. Емил Павлов – 60 кг.
2. Давид Петков – 67 кг.
3. Азиз Исмаил -75 кг.
4. Берат Јакупи – 84 кг.
5. Мартин Несторовски + 84 кг.
6. Сара Радичевска – 50 кг.
7. Јована Георгиева – 55 кг.
8. Наташа Стефановска – 61кг.
9. Моника Стефановска – 68 кг
10. Жарко Арсовски – настапува во екипниот дел
11. Петар Заборски – настапува во екипниот дел
12. Фери Исиќ – кати
13. Пулексена Јованоска – кати
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА