Македонската карате репрезентација, учествуваше на Светскиот универзитетски куп на боречки спортови во Самсун, Турција, а од ова натпреварување се вратија со две сребрени и еден бронзен медал, како и три пласмани на петто место.
Во екипна машка конкуренција, нашиот тим во финалето загуби од репрезентацијата на Јордан со 1-3 и на тој начин стана вицешампион. Македонската екипа беше составена од Петар Спасеновски, Давид Петков, Димитар Илиевски, Глигор Петков и Петар Заборски.
Женската македонска репрезентација во финалето се бореше со Хрватска и загуби со 0-2, со што се закити со сребрено одличје. Ангела Мојсовска, Викторија Јовановска, Марија Петровска и Моника Пендаровска беа дел од нашата екипа.
Бронзен медал во поединечна конкуренција освои Давид Петков во категоријата борби под 67 килограми. Во битката за третото место тој го совлада украинскиот репрезентативец Давид Јановски со резултат 1-0. Ангела Мојсовска (-68 кг.), Викторија Јовановска (-61 кг.) и Марија Петровска (-55 кг.) учеството во индивидуална конкуренција го завршија како петтопласирани во своите тежински категории.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА