Најдобрите македонски кикбоксери, освојувачи на медали од последното светско првенство кое се одржа во Абу Даби, како и освојувачите на трофеите од Балканскиот куп „Балкан бест фајтерс“ имаа прием од деканот на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, Влатко Неделковски.
„Организиравме прием достоен за шампиони! Деканот на ФФОСЗ свечено ги прими нашите студенти – вистински спортски херои кои ја претставуваа Македонија на Светското првенство во кик-бокс кој се одржа во Абу Даби, настан од највисок ранг со учество на над 60 земји и повеќе од 2.000 врвни натпреварувачи од целиот свет. Во жестока и бескомпромисна конкуренција, нашите репрезентативци покажаа срце, знаење и карактер, притоа Стефан Михајловски освојувајќи сребрен, а Силвио Мировски бронзен медал, со што уште еднаш го истакнаа македонското знаме на светската спортска мапа. Тука беше и Максим Митровски од КБК Шампион кој се закити со златен медал и пехар за најдобар сениор на ринг во Лоу Кик дисциплината на Балканското првенство „Балкан Бест Фајтерс” – информираа од Факултетот за физичко образование, спорт и здравје.

Деканот на ФФОСЗ, проф.д-р Влатко Неделковски и проф. Д-р Жарко Костовски (професор по боречки спортови) им честитаа за извонредниот успех, истакнувајќи дека ФФОСЗ е горд дом на шампиони кои со своите резултати се пример за посветеност, дисциплина и врвни вредности во спортот. Овој успех е уште една потврда дека ФФОСЗ создава лидери, победници и амбасадори на македонскиот спорт.

Благодарност за организираниот прием за македонските херои а студенти на ФФОСЗ, истакна и претседателот на Кикбокс маитаи федерацијата на Македонија, Дејан Митровски – Урко.
„Благодарност до ФФОСЗ, посебно до деканот, проф.д-р Влатко Неделковски, продеканката за настава, проф.д-р Андријана Мишовска, како и професорот по боречки спортови, проф.д-р Жарко Костовски, за целокупната поддршка и овозможената соработка со професорите од факултетот, чија помош и многу ни значеше во остварувањето на овие врвни резултати. Среќни сме што имаме една ваква постава на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, кои секогаш се максимално вклучени со поддршка за своите студенти“ – истакна Митровски на приемот во ФФОСЗ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

