Македонската одбојкарска репрезентација славеше убедлива победа над Црна Гора со 3-0 (25-20, 25-21 и 25-13) во вториот натпревар од третиот турнир во Европската Златна лига на ЦЕВ, и на тој начин успеа да се избори за останување во Златната лига, на крајот со две победи од шест натпревари, завршувајќи на 9-та позиција меѓу 12 селекции.
Максимално доминантен натпревар во однос на противникот одиграа денеска избраниците на Јошко Миленкоски, сосема заслужено доаѓајќи до убедливата победа.
Се играше израмнето во првиот сет, со еден до два поени предност за Македонија, се до последната третина од сетот, но потоа одлична завршница на црвено-жолтите за добивање на сетот со 25-20.
Во вториот сет Црногорците имаа предност од 8-12, но потоа одлична серија на Македонија која, водена од капитенот Никола Ѓоргиев, но и од Љафтов, Савовски…, успеа да го сврти сетот и да го добие со 25-21. Третиот сет беше само рутина убедливо добиен со 25-13 за конечна победа.

На крајот, со оваа победа, Македонија го освои 9. место од 12 селекции на табелата во Златната лига на ЦЕВ, оставајќи ги зад себе Летонија, Хрватска и Црна Гора која по овој пораз од следната сезона се сели во Сребрената лига.
Никола Ѓоргиев со 14 поени беше најдобриот поединец во македонската селекција, Александар Љафтов заврши со 12 поени а Филип Саавовски со 10 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА




























