Македонските одбојкари во Тузла немаат голем избор. Потребна е победа утре (16 часот) над Босна и Херцеговина во последниот натпревар од групната фаза во сребрената Европска лига во желбата за место во седмото полуфинале во континенталното натпреварување.
Македонија се уште има шанси за втората позиција на конечната табела која води во полуфиналето.
Со 3-0 за Македонија во Тузла, ќе ни одговара победа со 3-0 или со 3-1 на Романија в недела против Албанија. Во таков случај македонските одбојкари ќе имаат подобар сет-количник од Албанците за второ место. Исто е и доколку Македонија победи со 3-1, а Романија со 3-0. Но со резултати 3-1 за македонската селекција и за Романија, Македонија и Албанија ќе имаат ист број победи, бодови и сет-количник, па ќе решава поен-количникот, а во него имаме минус девет во однос на второпласираниот тим во групата.
„Да не размислуваме за завршниот турнир. Дојдовме во БиХ за да победиме со три бода, а потоа ќе чекаме“ – вели македонскиот капитен Никола Ѓорѓиев, и дополнува:
„Без еуфорија, супер е се, не сме фаворити со Босна, не сме сила како што бевме лани или пред две години. Ние сме семејство кое работи напорно за да го оствари својот сон. Ве молам да не ни создавате притисок затоа што во двомечот со Албанија не го издржавме. Одиме да победиме, ќе победиме, но само мирно“.
Против Босна и Херцеговина македонската одбојкарска репрезентација има три победи со девет добиени и еден загубен сет во последните две години. Тие ја совладаа само Албанија, ние го покажавме потенцијалот во двата меча со првопласираната Романија, која за да го сочува врвот, треба да се радува во последниот натпревар во групата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА