Македонските одбојкарки го освоија 5. место на Балканското кадетско првенство кое се одржува во Тирана, Албанија, откако денеска во натпреварот за петтата позиција славеа во супер драматичен меч во пет сета против селекцијата на Црна Гора.
Македонија триумфираше со 3-2 откако последниот сет дури во тај-брекот успеа да слави со 18-16. Македонските одбојкарки во последниот сет имаа негатива од 12-14, но при две меч топки за Црногорките успеаја да се вратат во игра, и на крај да го добијат натпреварот.
Претходно, Црногорките го освоија првиот сет со 23-25, Македонија возврати во вториот со 25-20, за да Црна Гора повторно поведе со 1-2 во сетови, добивајќи го третиот сет со 22-25. Четвртиот сет мина во убедлива игра на македонските девојки кои го добија убедливо со 25-17 пред последниот сет кој на крај беше за македонско славје во Тирана.
Балканското првенство и игрите на најдобрите македонски кадетки во Тирана се повеќе од позитивен момент за враќање на македонската младинска одбојка на интернационалната сцена. По долги години апстиненција, младите одбојкарки покажаа дека има потенцијал на кој треба да се работи во иднина за вистинско враќање на македонската женска одбојка на цена во домашниот спорт.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА