Сигурната и ефикасна игра и донесе победа на женската ракометна репрезентација на Македонија против Литванија со 31-24 (17-10), во вториот натпревар на Меѓународниот турнир во Анталија. По вчерашниот пораз од Русија во првиот меч, овој пат избраничките на селекторот Симе Симовски доминираа на теренот во текот на целиот натпревар и на крај славеа убедлива победа. Македонските ракометарки добро го отворија натпреварот, наметнаа ритам и по првото полувреме имаа водство од 17-10.
Офанзивната игра на „црвено-жолтите“ продолжи и на стартот од вториот дел кога Македонија стигна до и до двоцифрена предност поведувајќи со 21-11. Но, тука и подзастанаа и му дозволија на противникот да се врати во игра. Литванките направија серија од 5-0 и намалија на 21-16. Во продолжението македонската репрезентација успеа да се консолидира и ја одржуваше предноста од 6-7 гола разлика. Во последните пет минути, влегоа со водство од 29-22, ја задржаа контролата до крај и ја запишаа првата победа на подготвителниот турнир во Анталија.
Повратничката во македонската репрезентцаија, Мирјета Бајрамовска го предводеше нападот со шест гола, по пет гола постигнаа Ивана Гакидова и Елена Ливриниќ, а четири запиша Јована Саздовска.
Во последниот натпревар, утре Македонија ќе игра против домаќинот Турција. Настапот на турнирот во Анталија е во склоп на подготовките на македонската репрезентација пред баражот за СП 2017 против Шведска на 10 и н 13 јуни.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА