Женската ракометна репрезентација на Македонија обезбеди пласман во полуфиналето на Медитеранските игри во Тарагона и покрај поразот до Црна Гора со 23-28 во денешниот трет натпревар во Групата Б. Во првите две кола макеоднските ракометарки ги победија Турција и Србија, а денешната победа на Турција против Египет (41-30) дефинитивно ги разреши сите дилеми околу конечниот пласман.
Црна Гора со четвртата победа и со максимални 12 бода го обезбеди првото место на табелата. За Црногорките ова беше четврти натпревар со кој го потврдија пласманот во полуфиналето, а на македонските ракометарки им останува утре да го одграат уште дуелот со Египет, по кој без разлика на резултатот, остануваат на втората позиција пред Србија и Турција.
По двете победи во првите два натпревари против селекциите на Турција и на Србија, македонските ракометарки максимално мотивирано го одиграа и денешниот дуел против Црна Гора која е апсолутен фаворит во групата. Црногорките беа поефикасни во првата четвртина и имаа водство од 10-7 во 19.минута. Избраничките на селекторот Симе Симовски, сепак, не им дозволија да се одлепат со поголема разлика и успеаја да се вратат во игра изедначувајќи на 13-13, а со нерешенен резултат го завршија и првиот дел (15-15).
На стартот од второто полувреме, Црногорките одново го имаа главниот збор на теренот. Направија серија од 4-1, поведоа со 20-16 и имаа доволно сила и искуство да ја сочуваат предноста. Македонската репрезентација настојуваше достојно да му парира на посилниот противник, но, сепак, фаворитот го диктираше темпото и во последната четвтртина успеа да ја зголеми предоста и да ја обезбеди четвртата победа во серија.
Сара Ристовска беше најефикасна во македонската репрезентација со седум гола, пет постигна Елена Ѓоргиевска, по три гола запишаа Ивана Гакидова, Душица Ѓоргиевска и Јована Саздовска, а по еден гол имаа Александра Боризовска и Дајана Јовановска. Репрезентацијата на Црна Гора ја предводеа Сања Премовиќ со седум и Ѓурѓина Јауковиќ со шест гола.
Црна Гора ги одигра сите четири натпревари во групата и е на водечката позиција со 12 бода. Македонија е втора со 6, а зад нив се Турција и Србија со по три и Египет без бодови. Во последното коло, утре Македонија игра против Египет (12 ч.), а во вториот дуел се среќаваат Србија и Турција.
Првите две репрезентации од Групата Б ќе играат полуфинале со првите две селекции од Групата А, најверојатно Шпанија и Словенија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА