Женската ракометна репрезентација на Македонија продолжува со успешните настапи на Медитеранските игри во Тарагона. Во вториот натпревар на турнирот, македонските ракометарки стигнаа до вториот триумф, совладувајќи ја селекцијата на Србија со 28-21. Во првиот меч на отворањето на турнирот, Македонија славеше победа против Турција (31-26).
Избраничките на селекторот Симе Симовски и во дуелот со Србија влегоа максимално мотивирано и концентрирано. Ефикасната игра им донесе водство од 16-13 на крајот од првото полувреме. А, во исто темпо продолжија и во вториот дел. Со серија од 4-1 по првите осум минути во второто полувреме, македонските ракометарки ја зголемија предноста на 20-14 и ја одржуваа позитивата до крај за втора побеа по ред и тоа со убедливи седум гола разлика.
Четири ракометарки од македонската репрезентација постигнаа по шест гола – Елена Ѓоргиевска, Ивана Гакидова, Сара Ристовска и Јована Саздовска, а по два погодоци запишаа Душица Ѓоргиевска и Теодора Керамичиева. Одлична партија на голот имаше и македонската голманка Матеа Серафимова.
Следниот натпревар на Игрите во Тарагона, македонските ракометарки го играат на 27 јуни против Црна Гора.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА