Женската ракометна репрезентација на Македонија утре ќе го добие противникот во бараж за пласман на СП 2019. Денеска се комплетирани двата шешири од кои утре на ждрепката во Париз ќе бидат извлечени деветте бараж двојки.
Македонија заедно со четирите други квалификанти (Белорусија, Исланд, Швајцарија и Словачка) е во вториот шешир кој е дополнет со трите најслаборангирани репрезентации од ЕП 2018 што завршува викендов (Хрватска, Полска, Чешка) и со Австрија како втора најдобра третопласирана репрезентација од квалификациите за ЕП 2018.
Можните противници на Македонија во баражот се сместени во првиот шешир кој го сочинуваат репрезентациите учеснички на ЕП 2018: Данска, Шпанија, Германија, Унгарија, Црна Гора, Норвешка, Словенија, Србија и Шведска.
Директен пласман на СП 2019 во Јапонија обезбедува Франција како актуелен светски шампион и трите најдобро рангирани селејкции, односно преостанатите три полуфиналисти на ЕП – Холандија, Романија и Русија.
Првите бараж натпревари ќе се играат во периодот од 31 мај/2 јуни, а реваншите ќе бидат меѓу 4 и 6 јуни 2019 година. Победниците обезбедуваат пламан на СП во Јапонија што ќе се одржи од 29 ноември до 15 декември 2019 година.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА