Почетокот на зимската сезона значи и ставање во полн погон на членовите на МАИСС – Македонска Асоцијација за инструктори за снежни спортови. Тоа е здружение формирано уште во 2009 година задолжено за обука и лиценцирање на инструктори за скијање и за сноубординг, чија главна цел е развивање на професијата инструктор во снежните спортови и создавање услови за квалитетно вршење на дејноста преку континуираната надградба на инструкторите.
„МАИСС е здружение кое е членка на Скијачката федерација на Македонија и преку организација на семинари и курсеви издава лиценци за четири нивоа на инструктори. Семинарите се одржуваат на годишно ниво, а инструкторите имаат можност да го обноват своите знаења или да се стекнат со ново повисоко ниво“, објаснува првиот човек на организацијата, Кирил Насков.
Голема новина од оваа сезона што МАИСС стана полноправна членка на ИСИА, меѓународна организација на ски-инструкторите.
„МАИСС својата кандидатура за ИСИА ја поднесе во 2019 и во период од три години бевме под опсервација за усогласување на програмите и достигнување на меѓународниот стандард. На наше огромно задоволство на светското собрание на ИСИА во Секстен, Италија оваа година едногасно сме избрани за полноправен член. ИСИА брои 38 земји членки и преку 150.000 инструктори. Од оваа сезона македонските инструктори кои ќе се стекнат со лиценца од трето ниво т.е. ИСИА маркица за тековната сезона ќе имаат можност за работа во сите ски центри и ќе ги користат поволностите и бенифитите како што се попуст на ски билети и друго“, задоволен е Насков.
Следен чекор на македонската организација е семинар за обука и обнова на лиценците на членовите на МАИСС.
„Она што е пред нас е семинарот за обука и обнова на лиценци кој започнува на 13ти декември на кој сите заинтересирани ќе можат да се привајат и да ги обноват и надградат своите скијачки знаења. Семинарите имаат теоретски и практичен дел со обука на снег“, истакнува Кирил Насков.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА