Македонските тренери Миленков и Аврамовиќ на престижниот семинар под водство на Англичанецот Скот Рајт во Белград (ФОТО)

Младите тренери на ФК Аеродром, Матеј Миленков и Ивица Аврамовиќ изминатиов период беа дел од престижниот тренинг-курс „Coеrver“ под водство на Англичанецот Скот Рајт кој се одржа во кампот на белградска Црвена Звезда.

Миленков и Аврамовиќ, кои се тренери на голмани, ја минаа, како што потенцираат, една од најпрепознатливите тренинг-програми за работа со помлади фудбалски категории која и тоа како е неопходно да се имплементира за првпат и на македонската фудбалска сцена.

„Едукацијата е основата и околу изградбата на секој еден тренер. Токму во таа насока е и семинарот кој го води Скот Рајт, а кој ги следи најмодерните фудбалски текови околу начинот на работа со најмладите категории фудбалери“ – истакнуваат македонските тренери.

Миленков од неодамна е и тренер на голмани и во младинската академија на ФК Работнички, вклучувајќи се во работата во една од најпознатите македонски фудбалски школи од која проникнале голем број истакнати домашни фудбалски имиња.

ФК Аеродром од Скопје, пак, е еден од малкуте клубови во Македонија кои активно инвестираат и во едукацијата на својот кадар како еден од начините за постојан развој и изградба на младите фудбалски таленти.

Се вчитува...