Македонско славје во Солун, ракометарите подобри од Грција

ЕКИПА во Солун,

Стеван Цаневски

Ракометната репрезентација на Македонија славеше на дуелот со Грција, на гостински терен во Солун со резултат 22-23. Денешниот меч во многу нешта наликуваше на вчерашното реми, повторно нашите ракометари имаа предност по првиот дел, а Грците потоа со голема судиска помош направија пресврт. Сепак, овојпат Лазаров и неговите избраници набрзина се консолидираа, презедоа контрола над играта во финишот и на крајот заслужено стигнаа до победата.

Грците подобро го отворија натпреварот, по само една минута поведувајќи со 2-0. Првиот гол за Македонија го постигна Велковски во 4. минута намалувајќи на 2-1, одбраната заигра на повисоко ниво и овозможи во осмата минута да израмниме на 2-2 преку Ненад Костески. Истиот ракометар погоди од контранапад една минута подоцна, за прво водство на Македонија на натпреварот (2-3). По 14 минути игра резултатот беше израмнет (4-4), a мечот остана егал и во наредниот период, па со голот од контранапад на Талеки израмнивме на 7-7.

Лазаров почна со ротации во тимот, па Филип Кузмановски реализираше нов контранапад, за водство на Македонија од 7-8 на почетокот од 20. минута. Страстите зовреа кога грчките судии при 8-8 не досудија чист пенал врз Кузмановски за кој требаше да следи и исклучување, наместо тоа покажувајќи играта да продолжи.

Во игра влезе Мартин Серафимов, кој постигна два гола во серија и ја врати Македонија во водство (9-10). Десниот бек на Алкалоид ја продолжи одличната серија со два нови погодоци, за предност на нашата национална селекција од 9-12 принудувајќи го грчкиот селектор на тајмаут. Грците реализираа по тајмаутот, а Македонија во последниот напад имаше одлична акција со цепелин на Талески што домашниот голман успеа да го одбрани, па на одмор се замина со два гола предност за нашата репрезентација (10-12).

Серафимов продолжи со добрата игра со уште еден гол и водство на Македонија од 11-14, но домаќините експресно возвратија и израмнија на 14-14, по што Лазаров го уфрли во игра Филип Кузмановски на местото на Џонов, кој немаше свој ден на денешниот натпревар. Судиите повторно стапија на сцена, прво со недосуден фаул во нашиот напад, потоа со престрого  исклучување на Кузмановски, но и со две минути за Јагуриновски поради протестите за нивниот критериум.

Дури и со двајца играчи помалку реалзииравме преку Пешевски за израмнување на 15-15, но Лазаров една минута подоцна полуде на судиите по очигледен фаул над Талески по кој грчките арбитри останаа неми. Митревски исто така ги загуби нервите од судиските неправди, но македонскиот голман возврати со две одлични интервенции во низа, овозможувајќи Маркоски со гол од контранапад да израмни на 16-16. Кузмановски изнуди пенал, по што Никола Костески од седум метри ја врати Македонија во водство (16-17).

Домаќините израмнија на 17-17, Велковски погоди за ново водство на Македонија, а потоа Џонов реализираше од седум метри за предност од 17-19. На осум минути до крајот прецизен беше и Ѓоргиев, па „црвено-жолтите“ се вратија на „плус три“ (17-20), но Грција повторно се врати, израмнувајќи на 20-20 на пет минути до крајот. Македонија заигра во клучните моменти, прв погоди Атанасијевиќ, по него и Талески, за предност од 20-22. Грците погодија за 21-22, но следеше брз центар и нов гол на Ѓоргиев, по што Митревски стави печат на победата, на крајот изразена со конечни 22-23, по голот што домаќините го постигнаа буквално во последната секунда од натпреварот.

Се вчитува...