Македонците некогаш беа „барана роба“ на ракометниот пазар, а сега…

Не беше така одамна, пред пет-шест години Македонија имаше што да понуди на ракометниот пазар во Европа, каде и најголемите клубови се вртеа кон нашите репрезентативци гледајќи во нив идеални засилувања. Тоа беше период кога не беше успех само да се биде дел од големите натпреварувања, туку и се бележеа победи на европските и на светските шампионати, со играчи кои знаеја што значи да се игра и да се победува на највисоко ниво.

Кире Лазаров и Борко Ристовски беа дел од големата Барселона, Дејан Манасков ги бранеше боите на Веспрем, Талески беше дел од Рајн-Некар Левен, Филип Кузмановски од Битола се пресели во Бундес-лигата, Никола Митревски го бранеше голот на Бенфика, потоа и на Констанца во Романија, Јоноски замина во Германија, Гоце Георгиевски имаше МВП-изданија во романското првенство, за Горан Кузманоски кој беше алфа и омега во Одорхеи немаше место во репрезентациата…

За жал, за не така долг период ситуацијата целосно се смени. Така, се доведовме во ситуација Дејан Манасков по заминувањето од Вардар половина година да биде без клуб, Кузмановски да се врати назад во Битола откако речиси цела полусезона ја мина греејќи ја клупата на Вецлар. „Фитиљ“ се надева дека ќе си ја врати самодовербата пред нов странски трансфер, како што тоа го направи Талески со две години во Вардар, пред летниот трансфер во Бенфика, но и на Тале сега му е јасно дека во португалскиот шампионат не може да ја има улогата на стандарден првотимец и „ѕвезда“ во тимот како што тоа беше случај во црвено-црниот дрес. Никола Митревски се уште настапува на највисоко ниво кога и да добие шанса, но Порто веќе почна да го „турка“ младиот португалски голман како прва опција на голот… На листата интернационалци се наоѓаат уште и Димитриоски и Димитриевски во АСОБАЛ-лигата, потоа Никола Костески и Кукуловски во Чешка, Андоновски во Италија, Чаневски во Израел, Поповски во Швајцарија…

Селекторот Лазаров на последното обраќање пред УО на РФМ истакна дека е позитивна работа што македонските клубови успеваат да ги задржат своите најдобри ракометари. Стабилноста на клубовите е позитивна работа, но ако се биде до крај искрен, тоа е така затоа што квалитетот на најголемиот дел од нашите репрезентативец не е на доволно ниво за да бидат атрактивна понуда на европскиот пазар, особено за клубовите со посериозни амбиции, од врвот на ракометна Европа.

Јасно е, во репрезентацијата се врти нов лист, а токму националниот тим е идеалното место за лансирање на кариерите на овие млади играчи, на големата сцена да покажат дека вредат и да го привлечат вниманието на европската јавност. Почнувајќи од ЕП во Германија, каде резултатскиот притисок е сведен на нула, што е добра можност за блесок и најава за подобри времиња…

Се вчитува...