Малдини: Нов договор за Ибра, таков лидер му треба на Милан

Директорот на Милан, Паоло Малдини се надева дека Златан Ибрахимовиќ ќе потпише нов договор и ќе остане во таборот на „росонерите“ и следната сезона. Легендарниот играч е убеден дека фудбалери како Ибра се од големо значење за секој клуб, па таквите треба да се чуваат и да имаат посебен третман.

Соработката помеѓу Милан и 39-годишниот напаѓач истекува на лето. Во овој момент, неговиот договор е неизвесен пред се поради размислувањето на шведскиот ас дали воопшто да продолжи да игра фудбал или да објави крај на кариерата.

„Тој ни рече дека ќе донесе одлука за новиот договор во зависност од состојбата на неговото тело. Ако продолжи вака, не гледам причина зошто не би продолжил. Ние сме еден од најмладите тимови во Европа и ни треба лидер како Златан“, рече Малдини.

Златан се врати на Сан Сиро во јануари 2020 година. Оваа сезона тој постигна 16 погодоци на 17 натпревари, со две асистенции, и тој е еден од најзаслужните што Милан е лидер на Серија А.

Се вчитува...