Рома успеа во својата намера да доведе врвен офанзивец во овој преоден рок, со што ќе ги зголеми шансите на тимот на Гасперини во борбата за висок пласман во Серија А.
Откако пропадна трансферот на Распадори кој на крајот заврши во Аталанта, „волчицата“ почна преговори со Астон Вила и експресно доби зелено светло за во своите редови да го доведе – Дониел Мален. Холандскиот ас не добиваше преголема минутажа од Унаи Емери и самиот инсистираше да му биде дозволено да си замине во клуб каде ќе игра почесто, со самото тоа ќе може да се наметне за посериозна улога во националниот тим за СП 2026.
Клубовите набрзина најдоа заеднички јазик, Рома ќе плати 2,5 милиони евра за позајмицата, со клаузула за откуп за дополнителни 25 милиони ако Мален до крајот на сезонава одигра одреден број на мечеви во дресот на „волчицата“.
Холанѓанецот денеска ќе пристигне на лекарски прегледи во Рим, а веќе утре ќе се приклучи на тренинзите на новиот тим. Неговото деби за Рома се очекува на гостувањето против Торино закажано за 18 јануари.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

