Олимпик Марсеј експресно го реши прашањето на нов тренер откако по отказот на Џенаро Гатузо за наследник на Италијанецот го именуваше Жан-Луј Гасе, искусниот стручњак со повеќе од 30-годишно искуство во бројни клубови Франција и ширум светот.
Гасе го привлече вниманието на почетокот на годинава како „најмалерозен тренер“, тој беше селектор на Брегот на Слоновата Коска, но доби отказ по убедливиот пораз во третото коло од групната фаза на Купот на Африкански Нации. „Слоновите“ беа речиси елиминирани, но сите резултати од останатите групи им отидоа во корист и со многу среќа се пласираа во нокаут-фазата, каде на крајот успеаја да се закитат со титулата, но без Гасе на клупата.
Овој стручњак има работено како главен или помошен тренер во Бордо, Сент Етјен, Монпелје и ПСЖ, а останува забележано дека во тренерската кариера има четири трофеи во француското првенство (2009, 2014, 2015 и 2016 година).
„Чест е да се дојде во легендарен клуб каков што е Олимпик Марсеј. Едвај чекам да почнеме да работиме, да дадеме се од себе и да оствариме добри резултати“, изјави Гасе по потписот на договорот со Олимпик.
Прволигашот од Марсеј е без триумф на последните шест средби во француското првенство, со што Олимпик падна на деветтото место на табелата. Новиот тренер ќе дебитира претстојниот викенд на дуелот на домашен терен против Монпелје.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА