Малерозниот Хумелс ја закопа Германија – Франција тргна триумфално во поход по титулата

Франција славеше над Германија со 1-0 во првото големо дерби на ЕВРО 2020, со што актуелните светски прваци направија голем чекор за пласман во осминафиналето од „групата на смртта“. На спротивната страна, со овој резултат уште повеќе се продлабочува резултатската криза на германскиот национален тим, кого го очекува жестока битка за да не му се случи второ големо натпреварување по ред да не успее да ја мине групната фаза.

Како клучен момент се покажа 20. минута, Погба маестрално го пронајде Хернадез на левата страна, а повратната топка кон шеснаесетникот Матс Хумелс со неспретна интервенција ја смести во мрежата. „Триколорите“ го контролираа темпото во првото полувреме, но во вториот дел Германците беа принудени да се отворат и повеќе време да минат на противничката половина.

Ова остави многу простор што можеше да го искористи Мбапе, Франција постигна уште два гола преку Мбапе и Бензема, но двата беа поништени со ВАР поради минимални офсајди. Германците и покрај поофанзивното издание (во игра влегоа и Сане и Вернер) не успеаја да создадат стопроцентна шанса, камоли да постигнат израмнувачки погодок, па овој дерби дуел заврши со минимална победа на „галските петли“.

 

Се вчитува...