Никола Малешевиќ повторно даде значаен придонес за победата на Пелистер над Преивидза, постигнувајќи вкупно 18 поени, но и што е најважно, реализирајќи ги двата клучни напади кога гостите дојдоа на само два поена негатива.
Со тоа, „пелистерци“ стигнаа до толку посакуваната прва европска победа во клупската историја и си ги задржаа шансите за пласман во следната фаза од ФИБА Европа купот.
„Ова беше прв европски меч во Битола и ми беше чест што сум дел од овој историски настан. Би сакал да се заблагодарам на публика што дојде и ни даде поддршка, што беше наш шести играч. Знаевме дека против себе имаме една физичка екипа што оди на многу скокови, дека се добри во шутот од далечина и знаевме како треба да одговориме на тоа. Додека ги исполнувавме задачите се градеше голема разлика, но потоа во финишот за момент „заспавме“, помисливме дека мечот е веќе добиен. Гостите го искористија тоа и се вратија, но сепак имавме доволно „памет“, среќа и знаење за да го приведеме мечот до крај и да стигнеме до триумфот што го посакувавме и што го заслуживме со прикажаната игра“, прокоментира Малешевиќ.
„Пелистерци“ продолжуваат со пеколниот ритам натпревари, утре го пречекуваат Маџари, в недела се домаќини и на Феникс, по што ќе следи ново гостување во ФИБА Европа куп, против кипарскиот тим Керавнос (29 ноември).
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

