Никола Малешевиќ по две години се врати назад во Пелистер, а српскиот кошаркар ќе биде значаен адут на „зелено-белите“ во новата натпреварувачка сезона.
„Пелистерци“ во првото коло попладнево (15 часот, СРЦ Кале) ќе му гостуваат на Работнички, дуел на кој Малешевиќ и соиграчите ќе сторат се за да стигнат до триумф.
„Пред нас е тежок натпревар на гостински терен против еден од фаворитите за висок пласман на табелата. Напорно работевме и се подготвувавме оваа седмица, се надевам дека тоа ќе биде доволно за да стигнеме до победата што сите ја посакуваме“, изјави Малешевиќ за клупската веб-страница на Пелистер.
Пелистер повторно состави тим за атак на висок пласман, но искусниот кошаркар е свесен дека не треба однапред да се создава еуфорија.
„Што се однесува до очекувањата за сезоната, погрешно би било уште сега да се даваат конкретни прогнози. Секако ќе дадеме се од себе, одиме натпревар по натпревар, да забележиме што повеќе победи и да ги израдуваме верните битолски навивачи“, истакна Никола Малешевиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

