Љупчо Малинков излегува во преден план како еден од фаворитите за функцијата селектор на Македонија, место што се очекува да биде официјално пополнето во следните неколку дена. Младиот стратег на Фени индустри денеска остварил и средба со претседателот на МКФ, Петар Наумоски, на која се дискутирало околу можноста Малинков да го наследи Драган Раца како предводник на сениорскиот национален тим.
Наумоски на последниот состанок на Управниот Одбор обелодени дека прв избор за селектор од домашните стратези му бил Марјан Илиевски, со кого сепак на крајот не бил пронајден заеднички јазик за да се финализира договорот. Малинков беше споменат како една од опциите заедно со Алек Јончевски, но младиот стратег на Фени индустри излегува во преден план по одличните резултати што ги бележи сезонава, освоеното прво место во Првата лига, како и елиминацијата на шампионот МЗТ Скопје во полуфиналето од Купот на Македонија.
Останува да се види дали разговорите ќе вродат со плод, па Малинков веќе во текот на следната седмица ќе биде промовиран во нов селектор, или Наумоски ќе се реши за друга опција.
Само за потсетување, Македонија е во група со Косово и со Естонија во претквалификациите за СП 2019 во Кина, циклус натпревари што ќе се играат во текот на летото, од кој најдобрите две селекции во групата ќе обезбедат место во главните квалификации.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА