Екипата на Фени индустри во полна пареа работи во пресрет на новата сезона во македонската Прва лига. Струмичани со подмладени сили ќе се обиде да обезбеди подобар пласман од минатата сезона. Покрај Магдевски, Марковски, Пајиќ и Петровски, играчите кои останаа, Малинков во ростерот додаде и тројца странци при првата прозивка, Адам Мирковиќ и Шахид Дејвис, додека Шаптон Блер не успеа да ги оправда своите квалитети, па се ослободен од тимот. Иако се со помал буџет од минатата сезона, Фени е во потрага по нов центар, чиј трансфер наскоро ќе се комплетира.
„Играчите работат во полна пареа, единствен проблем имаме со Андреј Магдевски, кој се оправува од мала повреда. Адам Мирковиќ и Шахид Дејвис полека се вклопуваат во нашата шема, додека Шаптон Блер повеќе не е дел од нашата екипа. Одлучивме да ја прекинеме соработката со овој кошаркар, не ги задоволи нашите потреби, па сега сме во потрага по нов центар. Засега преговараме со неколку играчи, од кои еден од нив набрзо ќе ангажираме. Морам да истакнам дека за буџетот ни е помал за разлика од минатата сезона, но тоа нема да не спречи во обидот да ја оствариме нашата цел за оваа сезона“, вели Малинков.
Стратегот на кавадарчани e задоволен од досегашниот тек на подготовките, а очекува формата да се крева како што ќе минуваат пријателските средби.
„Засега сум задоволен како течат подготовките. Одигравме неколку контролни натпревари, од сите извлековме и позитивни и негативни работи. Секако, најмногу работиме да ги подобриме сегментите каде што сме најранливи. Во текот на вчерашниот ден ги измеривме силите и со Карпош соколи, па можам да кажам дека има напредок од тоа што го прикажавме на теренот. Имаме закажано уште неколку пријателски мечеви, а ќе играме и на тријателски турнир во Бугарија“ – открива тренерот на Фени индустри.
Од оваа сезона настапува новото правило во лигата, според кое секој тим ќе мора да има најмалку двајца македонски кошаркари на теренот. Малинков истакна дека ја поддржува оваа одлука, и се совпаѓа со неговата филозовија, па ќе им дава поголема шанса на младите македонски кошаркари.
„Ме радува што од оваа сезона на теренот ќе мора да бидат по најмалку двајца македонски играчи. Така поголема шанса ќе добиваат помладите, Милков, Кицев, Бешлиовски“, додаде Малинков.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА