МАЛКУ ИСТОРИЈА ЗА КУПОТ НА МАКЕДОНИЈА: Сите освојувачи, сите финални натпревари, најуспешни тренери….

Македонскиот фудбал вечерва од 20 часот на арената „Тодор Проески“ во Скопје го очекува 32-то свое финале во Купот на Македонија, овој пат меѓу екипите на Вардар и Струга ТЛ. „Вардарци“ во битка за седмиот свој трофеј во историјата, а стружани за прва титула во најмасовното клупско натпреварување.

Низ досегашната фудбалска независност во Македонија одиграни се вкупно 31 финален натпревар во Купот на Македонија, почнувајќи од оној првиот на 23 мај 1993 година во Скопје. Единствено, поради пандемијата на Коронавирусот Ковид-19 во сезоната 2019/2020 не се одигра финалето во најмасовното домашно клупско натпреварување.

Најуспешен клуб е Вардар со пет трофеи во независна Македонија и плус еден од 1961 година во Купот на Југославија, пред Работнички кој има четири титули, и Слога Југомагнат, Силекс и Македонија ЃП со по три освоени титули. Најмногу финални натпревари има Слога Југомагнат. Осумпати чаирчани беа дел од финалето, но само трипати се радуваа. Следува Работнички со седум финалиња во кои четири пати го освојуваше пехарот, па Вардар со шест финални средби.

Дури десет финални натпревари, од вкупно 31 одиграно, завршиле со изведување на пеналите. Единствено фудбалерите на Македонија ЃП двапати, преку изведувањето пенали, во сезоните 2021/2022 и 2022/2023 успеале да дојдат до трофејот во Купот на Македонија.

Најуспешни тренери, пак, во Купот на Македонија со по две освоени титули досега се Ѓоко Хаџиевски (двете со Вардар), Ѓоре Јовановски (Вардар и Слога Ј.), Игор Ангеловски (двете со Работнички) и Горан Симов (Силекс и Македонија ЃП).

ПЕХАРОТ ЗА КУПОТ НА МАКЕДОНИЈА – Дело на академскиот вајар Наќо Беќаровски

Наќо Беќаровски со пехарот

Големиот пехар за Купот на Македонија е изработен од академскиот вајар Наќо Беќаровски. Висок е 51 сантиметар, а тежок 10.5 килограми и ги отсликува сите битни историски, културни, географски и природни вредности и богатства на Македонија.

Фудбалската топка преставува афион, а горниот цвет на афионот е од четири латици кои ги симболизира четирите дела на Македонија. Под топката се пламените јазици што ја симболизираат вековата борба на македонскиот народ. Столбот е обвиткан со винови лози и грозје што ја симболизира тиквешијата, основата е со фрагменти од историјата и културното наследство на Македонија, Камениот мост и шара на македонскиот килим.

Се вчитува...