МАЛКУ СТАТИСТИКА: Вардар е убедливо со најголем број европски учества од македонските екипи во историјата

Најтрофејниот македонски клуб вечерва од 20:30 часот на арената „Тодор Проески“ во Скопје го очекува нов европски настап во својата историја. Овој пат, против швајцарска Лозана во 2. квалификациско коло од Конференциската лига на УЕФА.

Во 32 досега натпреварувачки сезони во независниот македонски фудбал, ова лето за Вардар е 22 учество во еден од европските купови. „Црвено-црните“ се клуб со најголем број учества од македонските клубови на европската сцена во историјата на независна Македонија.

Веднаш зад Вардар, по бројот учества во Европа е Шкендија со 17 учества, па следат Работнички (14) и Силекс и Победа со по 12 настапи во некој од европските купови.

Од оние 22 учества на Вардар во европските купови, девет се во Купот на европските шампиони, или Лигата на шампионите, десет се во Купот на УЕФА/ Лигата на Европа и три во Интертото купот/ КПК/ Конференциската лига.

Втора македонска екипа по бројот на учества во Лигата на шампионите е тетовска Шкендија која сезонава го има своето петто учество во најквалитетното европско клупско натпреварување. Шкендија, по победата на ФЦСБ на првиот меч од 2. квалификациско коло за ЛШ, се уште сериозно се надева за продолжување во ЛШ ова лето.

Се вчитува...