Македонските ракометари во второто коло од квалификациите за ЕП 2026 загубија на гостувањето против Литвнаија со резултат 29-27, прв пораз на нашиот национален тим во новиот квалификациски циклус. „Црвено-жолтите“ не одиграа на посакуваното ниво, кога ќе влезеа во ритам наидуваа на чуден судиски критериум, кој им овозможи на домашните ракометари да ја преземат контролата над резултатот во финишот и да стигнат до триумф.
Мечот беше израмнет само со 2-2, по што Македонија се соочи со проблеми во нападот, додека Литанците продолжија со ефикасна игра и почнаа да се одлепуваат на резултатски план. Акциите на пивот не го даваа посакуваниот резултат по досудените пробивања, нападот беше надвор од ритам, а одбраната пребавна за да ги запре литванските акции, па Лазаров беше принуден да побара тајмаут при 9-5 во 18. минута.
Советите вродија со плод, Македонија за нецели две минути направи мини-серија од три гола предводена од Филип Кузмановски и целосно се врати во мечот (9-8). Кизиќ имаше уште една одбрана, но при 9-8 Серафимов направи пробивање па наместо израмнување следеше гол на спротивната страна и „плус два“ за Литванија. Повторно ја загубивме сигурноста во нападот, Литванија се врати на „плус три“ (13-10), а судиите со своите одлуки (поништен гол на Митев, па недосуден пенал врз Пешевски) создаваа дополнителна нервоза во нашите редови. Македонија успеа да се врати, намали на 13-12, имаше и нов напад за израмнување, но Атанасијевиќ не успеа да реализира од контранапад и на одмор заминуваме со еден гол негатива (13-12).
Одбраната на чело со Кизиќ ни беше на повисоко ниво на стартот на второто полувреме, во првите пет минути примивме само еден гол, Кузмановски со проектил израмни на 14-14, а веќе во следниот напад Серафимов донесе водство на Македонија од 14-15. Литванскиот голман беше во ритам, но ние на нашиот гол го имавме одличниот Кизиќ, па по негов одбранет зицер, Карасманакис погоди на спротивната страна за водство од 18-19. Лазаров побара тајмаут на 12 минути до крајот при наше водство од 19-20, по што се играше гол за гол, а неколкуте удиски одлуки на наша штета им помогнаа на Литванците да дојдат до два гола предност (25-23, 55. минута).
Судиите од Словачка повторно во клучните моменти им помогнаа на домаќините, при напад од крило имаше очигледен лакот во главата на Серафимов, но наместо пробивање беше досуден пенал што Литванија го реализираше за водство од 28-26. Серафимов изнуди пенал што Кузмановски го претвори во гол за 28-27, но Балашинскас стрелаше прецизно на помалку од десет секунди до крајот, за конечни 29-27.
Кузмановски со осум гола беше прв стрелец на Македонија, по пет постигнаа Пешевски и Серафимов, а вредна да се истакне е добрата одбрана на домаќините врз Марко Митев, кој не само што не постигна гол, туку не упати и ниту еден удар кон противничкиот голман.
Квалификациите продолжуваат во 2025 година со двомеч против Словенија, а претходно нашите најдобри ракометари ги очекува настапот на СП 2025 во Хрватска. За потсетување, пласман на ЕП 2026 обезбедуваат двете најдобри селекции од секоја група, но и најдобрите третопласирани репрезентации.
фото: rankinis.lt
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА