Екипата на Малме засилена ќе влезе во двомечот со Вардар откако актуелниот првак на Шведска успешно ги финишираше преговорите за ангажман на Кингсли Сарфо.
Станува збор за 22-годишен фудбалер кој е роден во Камерун и кој во одлична форма настапува во дресот на Сириус. Токму Сарфо, како главен организатор на играта на својот тим (три гола и четири асистенции во првите 12 кола) е најзаслужен што Сириус моментно се наоѓа на петтото место на табелата и важи за најпријатно изненадување сезонава во шведскиот шампионат.
Поради тоа, Малме повеќе од еден месец се обидуваше да го доведе во своите редови, за вечерва да постигне договор со Сириус околу висината на отштетата. Сарфо утре наутро ќе ги мине лекарските прегледи, по што ќе го стави својот потпис на договорот со Малме и би требало да биде во комбинација за настап за претстојниот двомеч од квалификациите за ЛШ против екипата на Вардар.
За квалитетите на овој фудбалер доволно говори фактот дека Швеѓаните посакуваа да го видат во својата младинска репрезентација на ЕП во Полска, но не успеаја навреме да ја завршат процедурата за добивање пасош. Во меѓувреме, Сарфо го одби повикот за настап за Гана, па се очекува во блиска иднина овој фудбалер за врска да дебитира за сениорската репрезентација на Шведска.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА