Манасков го одби повикот за Македонија поради Кирил Лазаров

Поранешниот македонски ракометен репрезентативец Дејан Манасков ја отфрли можноста за враќање во репрезентацијата со објава на социјалните мрежи.

Асот кој во моментот настапува за Е. Пелистер како причина за ваквата одлука го наведе селекторот Кирил Лазаров со кој има нарушени односи по неколкуте години со кои не добиваше повик за репрезентативен настап.

„Почитувани, Би сакал да ја информирам цела македонска јавност и сите медиуми дека во моментов, за доброто на националниот тим, нема да настапувам за македонската ракометна репрезентација. Ќе бидам искрен и краток во моето обраќање и објаснување на одлуката. Во изминатите единаесет години, колку што настапував за македонската селекција, секогаш со чест и гордост го носев светиот дрес.

Се борев и настапував секогаш со цело срце. Моите односи со селекторот Кирил Лазаров се нарушени и не гледам простор во моментов истите да се подобрат. Последните две години неправедно бев неповикуван.

После сè што дадов, чувствувам дека Македонија премногу лесно се откажа од мене. Тоа премногу ме погоди и после долго размислување ја донесов оваа одлука. Им посакувам многу среќа и успех на репрезентативците во следниов период. Дотогаш ќе бидам ваш најголем навивач и поддржувач. До некое следно видување Македонијо!“, напиша Манасков.

Се вчитува...